„Синиот екран на смртта“ – фраза позната за лицата од ИТ-секторот и сега главен опис, за проблемот кој го погоди целиот свет.
Големиот технички дефект на Windows остави илјадници компјутери офлајн и тоа го зафати светскиот авиосообраќај, ги блокира банкарските системи, предизвика потешкотии во работењето на болници, медиумски куќи, супермаркети.
Сега проблемот е делумно надминат, но потребно е време за системите целосно да профункционираат.
„Проблемот е во тоа што, за разлика од вообичаено кога имаме софтверски проблеми и кога може да се повлече надградбата или да се постави нова, во оваа ситуација тоа не може да се направи бидејќи системите не работат. Наместо тоа, некој мора да влезе во компјутерот или да најде начин далечински да се поврзе со истиот – нешто што може да се направи преку некои сервери, а потоа да се рестартира во т.н. „безбеднoсен режим“, да се најде фајлот, да се избрише и да се рестартира, да се подигне повторно и да се вклучи“, вели сајбер-експертот Џејмс Бор.
Рано утрово, светските медиуми јавија за проблеми на аеродромите во Австралија, Германија, Холандија и Шпанија, одложени се повеќе од илјада летови, а патниците добиваат јасна порака – контактирајте си ги авиокомпаниите.
И водечките американски авиокомпании – Delta, United и American Airlines – ги прекинаа своите летови низ светот.
„Ова е мрежен проблем. Проблемот е глобален и погодени се бројни земји и повеќе аеродроми. Мораме да разбереме каква е целосната слика“, вели вработен на аеродром.
„Ние требаше да одиме во Келн, Германија. Нашиот лет беше закажан за во 13:15 часот. Но, само што нѝ кажаа дека е откажан. Изгубивме финансиски средства, хотелски резервации, време. Ова е навистина мачно“, велат двајца патници на аеродром.
Од регионот, стигна потврда од хрватскиот министер за транспорт, дека хрватската контрола на воздушниот сообраќај е исто така погодена од глобалните технички проблеми, пренесоа тамошните медиуми.
Од македонското Министерството за транспорт, за Телма брифираа дека во земјава не се регистрирани никакви проблеми во системите кои го контролираат авиосообраќајот.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вели дека во овој случај се избегнати поголеми проблеми во државните институции кај нас, но фокусот во иднина треба да биде на зајакнување на дигиталната инфраструктура.
„Сѐ додека немаме план за одговор на вакви закани, за одговор на сајбер-напади или пак инциденти коишто се случуваат и сѐ додека немаме протоколи за постапување, ние ќе бидеме во конфузија – кој треба да постапи и кој треба да алармира. Добрата ситуација во денешниот ден е што не станува збор за никаков сајбер напад“, вели Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Според професорката Светлана Николоска од Факултетот за безбедност, не е случајно што ваков крупен технички дефект се случи во светски рамки, токму во овој момент.
„Воопшто не бев изненадена, бидејќи се очекуваат такви напади, со оглед на севкупната ситуација во светот – од изборите во Америка и тоа што се случува кај нас во Европа. Ова што се случи денеска не би можело да биде технички пад на системите на толку многу места. Може да биде пад на системите, да речеме во една област. Јас мислам дека сега треба сите безбедносни институции да не ги затворат очите, а не допрва да ги отвораат. Тука треба континуирано да бараме решавање на вакви проблеми коишто во иднина ќе се усложнуваат. Нема да остане вака“, вели во изјава за Телма проф. д-р Светлана Николоска, од Факултетот за безбедност.
Според информациите кои се достапни досега, проблемот е предизвикан од лоша надградба од компанијата за сајбер безбедност, со англиски назив CrowdStrike.
Петар Догов