Над 100 милиони евра плус ќе се слеат од буџетот во ПИОМ за да може да функционира. Од документот за прекројувањето на државната може да се види дека претходно за оваа ставка во буџетот имало 1,78 милијарди евра, а сега сумата се зголемува на 1, 89 милијарди евра. За овој фонд граѓаните со години имаат лоша слика.
Новата Влада одлучи да ги зголеми и пензиите, тоа беше едно од предизборните ветувања, кое повлече плус 80 милиони евра на оваа ставка.
Од ребалансот може да се види дека некои од министерствата ќе добијат повеќе, а некој помалку пари.
Се крати кај Министерството за одбрана, кај здравство, финансии, во транспорт. Помалку пари има и за Оперативно техничката агенција позната како ОТА, за Агенцијата за национална безбедност или како што се нарекува во јавноста АНБ. Се крати и од кај Влада. Наместо со 84, 3 ќе располага со 64 милиони евра.
Помалку пари има и за Министерството за економија кај кое се додава труд, а скратените пари се префрлаат во новото Министерството за енергетика. Исто така, во ова министерство влегуваат и парите за гасификацијата.
Повеќе пари има за претседателот на државата, за собранието, за МВР, Државниот завод за ревизија.
Од документот може да се види дека се преполовува износот за изградба на Клинички центар во Скопје и Штип.
Помалку пари ќе има и за медицинска опрема во јавните здравствени установи. Во рамки на оваа програма опфатени се активности за набавка на неопходна медицинска опрема со која би се овозможил подобро здравство за граѓаните со обезбедување на подобри услуги, дијагностика и престој во дневни болници.
И за болницата во Кичево се извојуваат помалку средства, а се крати и онака малата сума за изградба на амбуланти во рурални средина. Помалку пари ќе има и за изградба и реконструкција на студентски домови.
Новата влада планира да собере 5, 2 милијарди евра да потроши 5, 8 милијарди евра. На домашен планира да се задолжи со државни хартии од вредност за дополнителни 250 милиони евра, а на надворешен од првично планираните 700 милиони евра сега задолжувањето ќе биде близу 800 милиони евра.
Јавниот долг ќе расте на загрижувачки 68, 2 од БДП кои се намалува од 3, 4 на 2,1 процент. Ребалансот на буџетот треба да помине во собранието најдоцна до првата недела од август.
Ирена Чачкова