Вести Македонија

Престанете со валканите игри и ниски удари, активни сме седум дена во неделата, во три смени – „Комунална хигиена“ го демантира Ѓорѓиевски

ЈП „Комунална хигиена“ Скопје остро реагира на информацијата од градоначалникот на Општина Кисела Вода дека е поднесена прекршочна пријава против претпријатието.

„Нашите очекувања беа дека досега ќе бидат поднесени пријави против прекршителите на Законот за јавна чистота што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини. За жал, досега не сме слушнале дека инспекциските служби при општината реагирале, опоменале или казниле некој од овие прекршители. Ве молиме да престанете со валканите политички игри, ниските удари и обидите да го компромитирате претпријатието“, се вели во реакцијата на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје.

Од компанијата реплицираат дека комуналниот отпад во Општина Кисела Вода се собира и транспортира континуирано и секојдневно – без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комунален отпад од подрачјето на градот Скопје.

„Во текот на месец јуни 2024 година, на територијата на општината се подигнати и транспортирани приближно 1400 тони комунален отпад. Исто така, во општината Кисела Вода континуирано се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни. Понатаму, во текот на минатиот месец, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје подигнаа и вкупно 100 кубни метри отпад од голем број диви депонии, лоцирани на улиците „Христо Татарчев“, „Боте Боцески“, „Дичо Петров“, „Ѓорѓи Димитров“ и добро познатата локација кај Томи маркет што претставува „црна точка“ каде што се интервенира најмалку еднаш неделно за отстранување непрописно одложен отпад од јавните и сообраќајните површини“, информираат од компанијата.

Од ЈП „Комунална хигиена“ го советуваат градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски да пристапи со инспекциски надзор, но, како што нагласуваат, „не врз работата на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје чиишто активности на терен се одвиваат седум дена во неделата, во три смени, туку врз несовесните поединци што во последните неколку месеци тенденциозно се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина, со цел да ги доведат во прашање компетентноста и ангажираноста на екипите на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје“.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Официјална Бугарија не се извинува туку бара извинување од Мицкоски

Дејан Дејан

Крвава пресметка на битолскиот пазар заради местоположба на тезгите – 42-годишник од зад грб се обиде да убие тезгаџија со нож

Дејан Дејан

Мапи со горливи точки објави ЦУК – централниот дел на земјава под висок ризик од пожари

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе