Министерството за внатрешни работи има осомничен за синоќешното убиство во Тетово, каде 40 годишен маж вчера вечера го изгуби својот живот кај местото наречено Мема. Тој бил застрелан додека бил во сопствениот автомобил, а убијците ликвидацијата ја извршиле филмски, со автомобил мерцедес во движење. Од полицијата добиле пријава по 20 часот и веднаш отишле на местото на настанот. Вака изгледаше улицата „Штипска“ синоќа по убиството, таа беше затворена за сообраќај бидејќи полицијата вршеше увид. Веднаш бил одржан работен состанок на кој биле дадени насоки за идните чекори. Од МВР денес соопштија дека објавена е потерница по убиецот.
„Од страна на инспектори извршени се службени разговори со лица – можни сведоци на настанот, извршени се дополнителни проверки, по кои веќе постојат основи на сомневање за можниот сторител на делото, издаден е централен распис за негово лишување од слобода“, соопштија од Министерство за внатрешни работи.
По убиството на местото јавниот обвинител побарал обдукција на телото и снимките од видеонадзорот од околните места кои ќе помогнат во откривање на сторителот.
„Возилото и други траги се подигнати за вештачење. МВР постапува за откривање на сторителот или сторителите“, соопштија од Јавно обвинителство.
Слично вакво убиство од автомобил во движење имаше минатата недела во скопското село Батинци, каде едно лице почина, а неговиот брат беше тешко ранет. И по шест дена од убиството, убијците сѐ уште се на слобода.
Тамара Марковска