Вести Македонија Најважни

Започна постапката против Мерко за незаконско назначувањe на директор во основно училиште во струшкото село Велешта

Со жестока расправа меѓу обвинителот и одбраната, во Основниот суд во Струга започна денешното рочиште за незаконско назначувањe на директор во основното училиште во струшкото село Велешта, предмет во кој покрај градоначалникoт на Струга, Рамиз Мерко се обвинети уште четири лица за злоупотребa на службата и фалсификување документи.

Државната просветна инспекторка Наташа Пинтоска, како сведок на обвинителството, рече дека при надзорот во декември во 2022 година, констатирала дека првообвинетата Егзона Шеин не ги исполнува условите за в.д. директор, нема пет години работно искуство, нема положено испит, ниту, пак, има сертификат за познавање на англиски јазик за што го известила и градоначалникот Мерко и ресорниот министер.

„Ако немавме доволно докази, немаше да се поднесе обвинение. Треба да сфатиме и јас како обвинтели и вие медиумите, дека секој адвокат го брани обвинетиот на свој начин“, вели Џемал Лога од ОЈО Струга.

Одбраната на градоначалникот Рамиз Мерко смета дека ДПИ сè уште не ја завршил постапката, затоа што нема решение за извршениот надзор како што предвидува Законот, по што велат ќе се утврди дека овој предмет е прекршочен, а не кривичен.

„Уште во оваа фаза може да се констатира дека се поведува кривична постапка против обвинетите во услови кога не е завршена постапката за надзор на ДПИ која во најлош случај може да заврши со прекршочна одговорност доколку се утврди таква вина. Во натамошниот тек на постапката, доказите ќе го зацврстат ова наше тврдење“, наведува адвокатот Игор Петковски, бранител на Мерко.

Но, кога и дали ќе продолжи постапката или, пак, ќе започне од почеток, засега е неизвесно, затоа што мандатот на судијата Јордан Јованов, кој е делегиран од Скопје, завршува во септември и не се знае дали повторно ќе биде избран.

„Мојот мандат истекува на 5 септември. Се надевам дека ќе биде продолжен, затоа што има предмети кои треба да се завршат. Најдобро е тој што ги почнал да ги заврши, за да има континуитет во предметите, рече судијата Јордан Јованов.

Покрај за незаконско назначување на директор во училиштето во Велешта, Мерко е обвинет за истото дело и за уште три други струшки училишта. Исто така, струшкиот градоначалник, кој од лани е на американската црна листа, е обвинет и за незаконска набавка на службеното луксузно возило Ауди 6, чие судење е во тек, исто така во струшкиот суд.

Емилија Мисирлевски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Манчевски започнува да го снима новиот филм „Збогум Копакабано“

Дејан Дејан

Официјална Бугарија не се извинува туку бара извинување од Мицкоски

Дејан Дејан

Крвава пресметка на битолскиот пазар заради местоположба на тезгите – 42-годишник од зад грб се обиде да убие тезгаџија со нож

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе