Вести Свет

Историска победа на Лабуристите на британските избори

Како што предвидуваа предизборните анкети, Лабуристите остварија убедлива победа над Ториевците, освојувајќи 412 пратенички места, дури 290 пратеници повеќе од досегашната владејачка Конзервативна партија. Ова е голема победа за Лабуристичката партија и надминувајќи го мнозинство од фамозниот изборен триумф на Тони Блер во 1997 година. Во победничкиот говор пред членовите, Кир Стармер, лидерот на партијата која 14 години трпеше пораз по пораз од Ториевците, порача дека промената започнува веднаш.

Со ваков мандат доаѓа и голема одговорност. Нашата задача не е ништо помала од обнова на идеите кои ја одржуваат оваа држава. Национална обнова. Кои и да сте, од каде и да сте почнале во животот, ако работите напорно, ако ги почитувате правилата, оваа држава треба да ви даде фер шанса да успеете. Постојано треба да го цени вашиот придонес, и ние треба да го обновиме тоа, изјави стармер.

Синоќешните резултати беа катастрофални за Конзервативната партија која го претрпе најтешкиот пораз во нејзината повеќе од два векови долга историја. Освојувањето на само 121 пратеничко место значи губење на дури 250 пратеници од изборите во 2019 година, а голем број на актуелни министри и истакнати членови на партијата не беа реизбрани. Меѓу нив е поранешната премиерка Лиз Трас, сегашниот министер за одбрана Грант Шапс и долгогодишниот пратеник и еден од лидерите на кампањата за напуштање на ЕУ, Џејкоб Рис Мог.

Британскиот народ вечерва донесе отрезнувачка пресуда. Можеме многу да дознаеме и размислуваме и јас преземам целосна одговорност за поразот. До многуте добри, вредни конзервативни кандидати кои и покрај своите неуморни напори, успесите на локално ниво и посветеноста кон нивните заедници, жал ми е, рече сунак.

Партискиот лидер Сунак повеќе од сигурно ќе си поднесе оставка на партиската функција, но по ваков катастрофален пораз избор на партиски лидер може да ја продлабочи кризата во Конзервативната партија. Овој вакум што се очекува да се создаде на британската политичка сцена, се надева да го искористи Најџел Фараж и неговата нова партија Обнова на Обединетото Кралство, која значително придонесе за овој пораз на Ториевците. Новата партија освои само 4 пратенички места, иако доби над 4 милиони гласови, дури 14,3 проценти од вкупниот број.

Интересно е што нема ентузијазам за Лабуристите, нема никаков ентузијазам за Стармер. Всушност, околу половина од гласовите беа антиконзервативни. Оваа Лабуристичка влада многу, многу брзо ќе се најде во неволја. Ние сега ќе целиме кон лабуристичките гласови. Доаѓаме по Лабуристите, воопшто не се сомневајте во тоа, порача фараж.

Покрај Лабуристите, вторите најголеми победници од изборниот ден се Либералдемократите, кои по речиси деценија и половина повторно се враќа на голема врата со 71 пратеник, дури 63 повеќе од претходниот парламентарен состав.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе