Вести Култура

Државниот завод за ревизија ќе ја испитува постапката за временото предавање на Универзална сала од Град Скопје на Министерството за култура

Се заканува ли нов застој во реконструкцијата на Универзална сала? – Јавноста чека информации од анализата за оштетувањата на челичната конструкција, која беше зафатена во пожарот на 9 април, а новиот министер за култура и туризам вели дека има информации за проблематична постапка околу временото предавање на објектот од Град Скопје на Министерството за култура . Според министерот Љутков, ќе го ангажираат Државниот завод за ревизија (ДЗР) за испитување на постапката.

„Јас не би сакал мојот потпис да го ставам на ниедна натамошна акција која што ќе се случува во Универзална сала. Испративме допис до ДЗР да ја испита целата постапка, од самиот почеток, па до денес. И ќе донесеме заклучоци по нивниот извештај“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Љутков најави дека во септември ќе се знае како ќе продолжи постапката за подготовките на активностите за титулата „Скопје европска престолнина на културата“ во 2028 година, чиј носител на апликацијата беше установата Универзална сала. При денешната посета на археолошкиот локалитет „Тумба Маџари“, министерот беше запознат од вработените во Археолошкиот музеј дека тоа неолитско село се протега и на парцели во сопственост на државата и на ЕВН, што ги усложнува истражувањата поради потребата од дозволи за ископувања.

„Не ја знаев оваа позиција, дека имаат таков проблем, така што ќе разговарам со нивното раководство, да најдеме начин како да се откочи тој процес“, кажа министерот Љутков.

Министерот најави дека ќе се заложи и за вработување на чуварот на локалитетот, кој со години е хонорарец. По 10 години застој, со годинашните истражувања на овој локалитет кој датира од пред 8.000 години, пронајдени се делови од керамички садови и нова, речиси, целосна фигурина на Големата мајка со уникатни специфики.

„Неолитскиот вајар ја има претставено на сосема друг начин. Единствен начин кој што го нема никаде на друго место во светот“, рече Елена Стојанова-Канзурова, раководител на истражувањата на локалитетот „Тумба Маџари“.

Стојанова-Канзурова апелира претставите на Големата мајка, пронајдени во скопскиот и во пелагонискиот регион, во соработка со ресорното министерство, да бидат номинирани на листата на УНЕСКО, за да добијат статус на светско културно наследство.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во Турција се апсат градоначалници од опозицијата која пак обвинува за политички прогон

Дејан Дејан

На 95-годишна возраст почина писателот Цане Андреевски

Дејан Дејан

Три тони кокаин на албанската мафија завршија во рацете на властите во Еквадор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе