Вести Свет Топ вести

Европските лидери ја номинираа, сега и треба поддршка – Фон дер Лајен во „лов“ на гласови во ЕП за нов мандат на чело на ЕК

Откако шефовите на држави или влади на членките на ЕУ во четвртокот вечерта нешто пред полноќ со квалификувано мнозинство ја номинираа за местото претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен сега за да биде реизбрана на функцијата треба да обезбеди и апсолутно мнозинство гласови во Европскиот парламент.

Фон дер Лајен беше предложена за реизбор во рамки на договорениот пакет меѓу Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“, во чии рамки и поранешниот португалски премиер Антонио Кошта беше избран за нов претседател на Европскиот совет, а естонската премиерка Каја Калас беше номинирана за кандидатка за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

ЕПП, СД и РЕ заедно имаат 399 пратеници или 38 повеќе од потребните 361 глас за апсолутно мнозинство за реизбор на Фон дер Лајен.

Иако по официјалната номинација Фон дер Лајен изрази оптимизам дека гласовите на европратениците на ЕПП, социјалдемократите и либералите ќе бидат доволни за нејзин реизбор, сепак поучена од искуството од 2019 година, таа не може да биде сигурна дека сите овие 399 пратеници ќе ја поддржат нејзината кандидатура, имајќи пред вид дека гласањето е тајно што им овозможува на европратениците да не ги почитуваат насоките на групите на кои им припаѓаат.

При нејзиниот прв избор за претседателка на Европската комисија во 2019 година Фон дер Лајен доби 383 гласа, иако во тоа време трите групи што застанаа зад нејзината кандидатура имаа 442 пратеници. Таа беше избрана благодарение на гласовите на „неврзаното“ италијанско Движење Пет ѕвезди (М5С) и неколку помали партии, откако за неа не гласаа и дел од пратениците на нејзината ЕПП.

Неофицијално, како датум на кој Европарламентот би гласал за реизбор на Фон дер Лајен се споменува 16 јули.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пукање во скопско Батинци

Дејан Дејан

Почина Исмаил Кадаре, борецот со перо против тоталитарните системи

Дејан Дејан

Премиерот Мицковски не гледа ништо спорно кај министерката Божиновска која не го наведе бугарското државјанство во биографијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе