Вести Свет Топ вести

Катастрофалниот настап на Бајден на првата претседателска дебата ги засени лагите на Трамп

Прва телевизиска дебата на која се соочија сегашниот и поранешниот претседател, и во исто време досега најрано одржаната дебата во изборна година. Поради овие два факта го доби епитетот „историска“, но наместо разјаснување кој од двајцата кандидати е поподобен кога во ноември по втор пат ќе се соочат на гласачкото ливче, произлегоа многу повеќе прашања за способноста на двајцата да ја извршуваат функцијата.

Дебата за конкретни политики имаше многу малку, но затоа изобилуваа лични навреди.

„Не сакав да се кандидирам сѐ додека не видов колку ужасно работи. Ја уништува нашата земја. Би бил среќен да сум на некое друго место, на убава локација, некаде“, рече Трамп.

Бајден го обвини дека има морални вредности како улична мачка.

„Помисли на сите парични казни кои ги доби. Колку милијарди долари парични казни доби? – За малтретирање на жена во јавност? – За правење на многу работи. Секс со порно ѕвезда додека твојата сопруга беше бремена? – Мислам, што зборуваш? – Твојата моралност е иста како и на улична мачка“, рече Бајден.

Кога ќе се развиеше конкретна дебата, особено по макотрпните насоки на модераторите, разликата од само три години во возраста беше повеќе од очигледна. Бајден често пати ја губеше мислата, забораваше и грешеше имиња и настани, а говорот на пати му стануваше неразбирлив.

„Мојот син не е губитник, мојот син не е наивен. Ти си наивниот, ти си губитникот“, жестоко нападна Бајден.

Трамп, пак, во една реченица успеа да го сумира целиот настап на Бајден за време на дебатата.

„Навистина не знам што сакаше да каже на крајот на таа реченица. Мислам дека ни самиот не знае што кажа“, заклучи Трамп.

Но, од другата страна, иако Трамп беше брз да поентира на секоја збунетост на Бајден, во десетици прилики употреби безобразни лаги да го пофали сопствениот резултат за време на својот мандат, и да го критикува тој на Бајден. Дебатата се сведе на тоа ниво што прашањето на возраста се претвори во споредување на резултати во голф и потсмевање кој сам си ја носи торбата со палките.

„Во одлично здравје сум, само што освоив два шампионата, и тоа не за пензионери, туку регуларни шампионати. За да го направите тоа треба да бидете доста паметни и да можете да удирате долги топки. Јас го правам тоа. Тој не може. Не може да удри топка ниту 50 метри“, рече Трамп.

„Го имам својот резултат, кој, кога бев потпретседател се спушти до 6. Патем, ти реков и претходно, со задоволство би играл голф со тебе ако сам си ја носиш торбата. Мислиш дека го можеш тоа?“, му врати Бајден.

„Тоа е најголемата лага од сите, дека резултатот му бил 6“, продолжи да се подбива Трамп.

„Имав резултат 8… 8“, продолжи Бајден.

Пред дебатата многу Американци беа загрижени поради возраста на Бајден, и колку тоа ќе го ограничи ефикасно да ја извршува претседателската функција. Истата загриженост ја споделуваат и многумина демократи, а по синоќешното издание таа само ќе се продлабочи.

„Навистина е тажно што го тераат овој човек во ваква состојба да се појавува во јавност. Жал ми е за него, навистина, бидејќи тоа е срамота“, изјави Шерил Пикард од Мичиген.

„Америка не треба да се фокусира на возраста. Треба да се фокусира на тоа кој има подобар план, и видовме дека претседателот Бајден навистина има подобар план за напредокот на оваа држава“, порача демократката Дезире Витфилд.

Влијанието на првата телевизиска дебата врз поддршката на двајцата кандидати ќе биде позната за неколку денови, но првичниот впечаток е дека Трамп помина многу подобро. Бајден ја запре кампањата и цела недела ја помина во Камп Дејвид со своите најблиски соработници, подготвувајќи се за дебатата, но тоа не го даде очекуваниот резултат.

Не успеа да го притисне Трамп за многу од спорните политики, како миграција, инфлација и абортус, и пропушти и пропушти да поентира на бројните лаги на поранешниот претседател.

Соопштението на неговиот кабинет среде дебатата, дека претседателот има настинка, сомнително многу повеќе звучеше како изговор, отколку оправдување за неговото лошо издание.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Од денеска струјата по нова, зголемена цена

Дејан Дејан

Демонстрации во Франција по објавувањето на прелиминарните резултати од парламентарните избори

Дејан Дејан

Екстремната десница извојува историска победа во првиот круг од парламентарните избори во Франција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе