За обичниот свет – херој, за државите – криминалец. По, речиси, седум години азил во амбасадата на Еквадор во Лондон, речиси пет години зад решетки во англиската престолнина и вкупно 14 години правна битка, Џулијан Асанж, конечно, е слободен човек. По 1.901 ден во затворот Белмарч, кој важи за најстрого чуван на британскиот остров, основачот на Викиликс полета до Северните Маријански острови кои се американска територија во Пацификот, каде ќе се појави пред суд, каде треба да го потпише договорот за слобода.
Миксот на дипломатија, политика и право на крајот резултираше со согласност на Асанж да прифати вина по една точка од обвинението – за завера заради пробавување и објавување на доверливи документи на американската национална одбрана. Според преддоговорот, тој ќе биде казнет со 62 месеца затвор, колку што веќе одлежа во притвор.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе изрази задоволство од договорот на Асанж со САД и неговото враќање дома како слободен човек. Според него, сагата е завршена со „внимателна, трпелива и одлучна работа“ и истакна дека е горд на целокупниот ангажман во случајот низ годините. Тој потврди дека во придружба на Асанж во авионот од Лондон преку Маријанските острови до дома чиј лет чини половина милион долари, се австралискиот амбасадор во САД и високиот комесар на Австралија во Велика Британија.
Неговиот татко не криеше задоволство од одлуката на неговиот син да постигне договор со САД и да се врати во родната земја како слободен човек. Тој изрази благодарност до австралискиот народ, држава и влада за вложените напори што неговиот син повторно ќе може да ужива со семејство и убавините на обичниот живот.
Џулијан Асанж во 2006 година ја основаше компанијата Викиликс во Австралија. Групата подоцна почна да објавува чувствителни и тајни документи, а во 2010 година обелодени, речиси, половина милион такви за американските војни во Ирак и во Авганистан. Во меѓувреме, за него беше издаден налог за апсење во Шведска за силување и сексуално вознемирување. Тој ги негираше обвинувањата и ја напушти земјата. Во 2012 голдина побара азил во Еквадор, наредните седум години ги мина во амбасадата на јужноамериканската држава во Лондон и на тој начин избегна испорачување во САД. Беше уапсен во 2019 година, кога Еквадор го укина азилот и оттогаш беше во затвор во Лондон, водејќи го правните битки за слобода.
Сашко Димовски