Вести Македонија

ЕУ очекува Македонија да ги донесе уставните амандмани и да продолжи по европскиот пат

Европската унија ѝ порача на Македонија дека треба да ги донесе уставните амандмани и да продолжи по европскиот пат.

-Мислам дека пораката е многу јасна: Северна Македонија мора да го искористи моментумот што постои за проширување за да продолжи решително по европскиот пат. Мислам дека сите сте свесни дека Европскиот совет јасно кажа што очекува од Северна Македонија и секако тоа се однесува на уставните амандмани за кои земјата се обврза да ги направи за да може да продолжи по патот кон ЕУ, рече портпаролката на ЕК, Ана Писонеро. 

Што се однесува до Преспанскиот договор и користењето на уставното име на земјата, портпаролката Писонеро повика сите страни да ги почитуваат одредбите од договорот и изрази жалење што дел од македонските лидери не ја користат придавката „северна“.

Паралелно со овие пораки од Брисел, до новата Влада стигнаа пораки и од Софија и од Атина. Бугарија ги отфрла идеите за менување на Преговарачката рамка. Бугарското Министерство за надворешни работи потсетува дека 27 земји членки на ЕУ консензуално и самата Северна Македонија во 2022-та ги опишаа чекорите за вистински напредок во евроинтегративниот процес.

-Покренувањето идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување на почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отварање на пристапните преговори, се вели во соопштението од бугарското МНР. 

За официјална Софија, неприфатлива е намерата на новата Влада да го отфрли, како што велат, „легитимното барање на дел од сопствените граѓани за вметнување во Уставот“. Ова соопштение од официјална Софија претставува реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека „доколку има политичка волја, можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ“.

„Нема да толерираме селективно спроведување на меѓународното право“, рече портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис. На редовниот брифинг со новинарите, тој посочи дека „постојат некои новопојавени погрешни толкувања за тоа што значи ерга омнес, но јасно е дека има едно толкување согласно меѓународното право, а новата Влада на Северна Македонија тоа не го почитува“.

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе