Иако одлучно се спротистави да се приклучи на санкциите кои Западот ги воведува за Русија и нејзините сојузници, по се изгледа земјата видела деловна можност во војната во Украина. Голем арсенал српско оружје завршил на линијата на фронтот како помош за Киев. Србија за две години од продажба на муниција заработила 800 милиони евра, пресмета британскиот весник Фајненшл Тајмс. Под наслов „Србија гледа низ прсти тоа што нејзината муниција завршува во Украина“ објави анализа според која оружјето од оваа земја преку трети земји завршува во рацете на Украинците. Земјата изминатиот период ја зголемила продажбата на Западот, а со тоа индиректно помогнала во зацврстување на украинската одбранат.
Српскиот претседател Александар Вучиќ не ги негира ваквите наводи напротив потврдил дека информациите се главно точни, додавајќи дека се работи за заработка остварена во период од две или три години.
Вучиќ додава дека земјата не може да извезува во Украина или Русија, но дека има многу договори со Американците, Шпанците, Чесите и други земји.
-Она што тие го прават со тоа во крајна линија е нивна работа. Србија има златна можност бидејќи нејзиното оружје е поевтино отколку на Запад и обемот на вкупниот извоз на муниција во наредниот период може и да се зголеми. Србија има пријатели и во Киев и во Москва и тие се браќа на Словените, вели српскиот претседател Александар Вучиќ.
Српскиот претседател вели и дека не знае каде одат извезените гранати и дека тоа не е негова работа, според него важно е да обезбеди Србија со својата муниција да работи легално и оваа муниција да се продава.
Според дипломати и аналитичари, учеството на Србија во извозот на муниција во Украина е поприлично прикриен процес при што официјални податоци не можат да се најдат.
Институт за светска економија во Киел, кој ја следи поддршката за Украина, не ги следел директно активностите на Србија и не наишол на систематски докази за придонесот на Белград.
-Европа и САД со години работат на оддалечување на Вучиќ од Путин, истакнал за „Фајненшл тајмс“ западен дипломат, додавајќи дека клучен играч за тоа е американскиот амбасадор Кристофер Хил, кој пристигна во Белград еден месец по почетокот на руската инвазија.
Весникот потсетува дека Вучиќ се спротивставил на притисокот на Западот да усвои режим на санкции против Русија и дека дозволил продолжување на руските летови за Русија, иако изјавува дека се залага за тоа Србија да стане членка на ЕУ.
Александар Петрески