Во Собранието почнува седница за избор за нова влада предложена од мандатарот Христијан Мицкоски. Во неговиот владин кабинет ќе има 23-ца министри и вицепремиери. Пред изборот во итна постапка беше усвоен законот за реорганизација на владата која доби 4 нови министерства.
Партиски гледано во новиот состав на владата има 15 кандидати предложени од коалицијата на БМРО-ДПМНЕ, 6-мина од коалицијата “Вреди” и двајца од ЗНАМ. Меѓу кандидатите има само 3 жени. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, “Вреди” има 14 пратеници и ЗНАМ-6 или вкупно 78 пратеници.
По поднесувањето на предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа на 18-ти јуни, Мицкоски изјави дека очекува расправата за избор на владата да заврши во недела до полноќ, a од понеделник веќе да почнат со работа. Согласно деловникот, седница за избор на влада трае најмногу два дена и завршува на полноќ на вториот ден со гласање за избор за кој е потребно просто мнозинство од 61 пратеник.
При поднесувањето на предлогот во Собранието, Мицкоски изјави дека предложените членови на владата се мотивирани веднаш да постигнат резултати, да го вложат масимално нивниот капацитет, бидејќи граѓаните имаат големи очекувања.
Мандатарот најави дека владата ќе води бескомпромисна борба со криминалот и ќе нема толеранција за никого, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата. Посочи и дека младите ќе бидат во фокусот на работењето на новата влада.
Собранискиот Деловник предвидува седницата за избор на Влада да трае најмногу два дена.
Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.
Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, најдоцна во 24:00 часот, а владата е избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број пратеници.
Претседателот на Собранието потоа го известува претседателот на Република Северна Македонија за изборот на Владата.
Со изгласувањето на новиот владин состав во Собранието, Христијан Мицкоски ќе стане 12-тиот премиер, а ќе ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.