Почна седницата за избор на новата влада. Мицкоски го имаше своето прво обраќање како мандатар пред пратениците во Законодавниот дом.
Тој пред присутните порача дека време е да се засукаат ракавите и да се отпочне со решавање на проблемите во земјава.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски непосредно пред почетокот на собраниската седница на која се избира новата влада, се огласи на својот Фејсбук профил, со објава во која вели започнува собраниската дебата која ќе стави крај на период на неработење, криминал и разочарувања.
„Денес е историски ден! Започнува собраниската дебата која ќе стави крај на периодот на неработење, криминал, лоши вредности и разочарувања. Со изборот на новата реформска влада, конечно започнува ново поглавје за нашата земја. Македонија е нашиот дом“, се вели во дел од објавата.
Собраниската расправа која почна денеска според Деловникот може да трае најмногу два дена, односно до утре на полноќ, а тоа ќе зависи од бројот на пријавени пратеници кои ќе сакаат да се вклучат во расправата.
Во понеделник се очекува да започне со работа новата влада која ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и „ЗНАМ“.