Грчката полиција соопшти дека три возила учествувале во страотната сообраќајна несреќа што се случи вчера во Грција на автопатот Игнација, во која животот го загуби битолчанка на 29 годишна возраст, а уште 3 лица се повредени.
Медиумите во Грција го објавија полицискиот извештај во кој се наведува дека несреќата се случила на 21 јуни во 12 часот на 277 километар од автопатот Игнација во правец кон Солун, а возилото го управувала 25 годишна странска државјанка која се судрила со автомобилот управуван од 73 годишен грк.
Потоа во двете возила удрил автомобил управуван од 52 годишен грчки државјанин.
„При тоа смртно е повредена 29 годишна странска државјанка која била сопатник во првото возило. Исто така, повредени се 2 странски државјанки на возраст од 24 години кои се возеле во истото возило, како и 73-годишниот возач на второто возило. Од страна на секторот за сообраќај верија се врши прелиминарна истрага за точните причини за несреќата“, соопшти секторот за сообраќај – Верија.
И од македонското МНР соопштија дека во сообраќајната несреќа загина 29 годишна Македонка. Две нејзини сопатнички кои се родиени 2000 години, а се потешко повредени, а третата родена 1999 година минала со полесни повреди. Сите сe хоспитализирани и соодветно згрижени.
Од МНР додаваат и дека претставниците на македонскиот генерален Конзулат во Солун, кои од времето на настанатата трагедија беа во контакт со блиски на жртвата, остануваат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките на починатата во земјата.
„Генералниот конзулат останува во постојана комуникација со надлежните институции и на располагање на повредените наши државјанки и нивните семејства при евентуална потреба за помош, до нивното враќање дома“, соопштуваат од МНР.
Од снимките што ги објавија грчките медиуми може да се види дека најоштетен е автомобилот од Македонија во кој се возеа четирите Битолчанки, а задната страна му е целосно згмечена. Загинатата девојка и повредените биле извлекувани со помош на пожарникари кои користеле соодветна опрема и го сечеле автомобилот.
На другото возило кое учествувало во сообраќајката му го нема речиси цел преден дел, што укажува на тоа дека тоа налетало на возилото од Македонија и го удрило од назад. Но, причините за несреќата грчката полиција дополнително ќе ги утврдува.
Емилија Мисирлиевски