Вести Македонија Наука и здравје

Клиниките треба да се спојат во Клинички центар, трауматологот Доневски смета дека ќе се зголеми ефикасноста на лекарите и грижата за пациентите

Лекарот Иво Доневски, субспецијалист-трауматолог на Клиника за трауматологија во неколку наврати го сподели својот став за состојбите во здравството во Македонија, но и предлози за зголемување на ефикасноста на скопските клиники. Вели дека за идеите треба да се разговара и дебатира.

-После секое враќање од престој во странство, со колегите лекари ги споделуваме новите видувања што чини, а што не чини и каде сме ние наспроти останатиот свет. Се чини, дека е дојден критичниот момент најискрено да ja прикажеме реалната состојба на „теренот“. Тоа е неопходно за да сфатиме од каде почнуваме и да имаме ефикасен план кој може да се спроведе. Со други зборови, сметам дека за прогрес е неопходно да имаме јасна референтна точка. Има реакции, тоа ме радува, а најмногу од сѐ – критиките! Сметам дека поттикнувањето на интелектуалната дебата е неопходно; токму дебатата е изворот на ефикасни решенија, објаснува Доневски.

Тој веи дека најдобро решение е единствен Клинички центар без гледање наназад и губење време на празни дебати за минатото.

-Мојата визија не подразбира губење енергија во неконструктивно оптоварување со она што е зад нас. Она што во моментот сакам да го повторам е дека потребата за анализа доаѓа од неопходноста реално да се претстави состојбата пред да се почне со реформите. Едноставно, да ни е јасно од каде почнуваме, затоа што верувајте, предизвиците се огромни, а очекувањата и нетрпението уште поголеми. Клиниките функционираа како засебни единки со години и лично ценам дека овој концепт треба да еволуира; работата на Клиниките да се поедностави и да биде поефикасна. Концептот за Клинички Центар-Скопје, што подразбира фузионирање на Клиниките во една функционална установа, ќе овозможи да се постигне оваа цел. Ваквиот начин на функцинирање е познат во светот, сведоци сме на позитивните искуства во многу здравствени системи, смета Доневски.

Според него „обединувањето“ на Клиничкиот центар е значаен и огромен проект, кој треба да ги одговорите на прашањата: каде, кога, зошто и во кои сегменти системот затајува во давањето здравствена услуга на граѓаните; кои категории на пациенти треба да добијат подобра грижа; за кои категории ни треба менторство и поддршка од поголеми центри.

-Во таа смисла, неопходно е фокусот да се насочи и кон поголема пристапност до содветната институција, сериозна техничка проверка и реконструирање на инфраструктурата; подобрување на комуникацијата меѓу институциите и дигитализација; максимално искористување на опциите што ги нуди системот Мој Термин; соодветно надополнување на кадровските дефицити како и програми за континуирана медицинска едукација на сите кадри, како на високиот така и на средниот медицински персонал, смета доктор Иво Доневски.

Треба да се користат странските позитивни искуства и многу да се работи на враќањето на довербата и односот на здравствениот персонал и пациентите.

-Кога еден мој пријател кој што живее во една европска земја беше примен во болница поради инфаркт, ми рече: „Кога влегов во болница и кога ме опкружи медицинскиот персонал, знаев дека ќе биде се во ред.” Во моите идеални замисли, вака треба да се чувствува секој пациент кога ќе влезе во новиот Клинички Центар-Скопје. Еден од главните протагонисти во една популарна медицинска серија, често повторува: „Ова е прекрасен ден да се спасат животи”. Би сакал вака да се чувствува секој здравствен работник на своето работно место! И пред некој да помисли дека звучам илузионирано и занесено, сакам јасно да изјавам дека сум сосема свесен колку е долг патот до остварувањето на овие идеали. Но, ако ги имаме, ќе работиме за да ги достигнеме, порачува Доневски преку своите јавни согледувања за проблемите на јавното здравство во Македонија.

Како да се спречи одливот на лекари – Нема студент на медицина кој не оди на курс по германски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Доналд Сатерленд- канадското уметничко засилување на холивудскиот филм

Дејан Дејан

Сиљановска Давкова – Агелер: Евроинтеграциите позитивно влијаат врз демократската и економската консолидација на земјите од регионот

Дејан Дејан

Свесна стратегија за нов геополитички и евроинтегративен ќорсокак или излезна по „гафот“ на Силјановска – аналитичарите во „Вин-Вин“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе