Ерик тен Хаг и официјално останува на клупата на Манчестер јунајтед следната сезона. Информациите во англиските медиуми се дека челниците на клубот веќе почнале преговори со Холанѓанецот и за продолжување на соработката, која истекува во идното лето.
Новите челници на клубот кои се грижат за фудбалскиот дел на Манчестер јунајтед и се дел од групацијата „Инеос“ на милијардерот Сер Џим Ретклиф изминатите две недели правеа целосна анализа на работата на Тен Хаг изминатата сезона и решија да му дадат доверба и во иднина.
Манчестер јунајтед го освои ФА Купот откако во финалето го победи Манчестер сити, но во Премиерлигата имаше потпросечна сезона финиширајќи на 8.место.
Шпекулациите беа дека Ретклиф преговарал со Томас Тухел, Роберто де Зерби и Маурисио Покетино за менаџерската позиција, но конечната одлука била Тен Хаг да остане на клупата на „Олд Трафорд“.