Вести Македонија Топ вести

Истекува времето за санација – потпорниот ѕид дополнително попушта, во опасност е и улицата „Белградска“

Со секоја капка вода истекува и времето за санација. Потпорниот ѕид дополнително попушта, а од вчера сѐ уште стојат деловите кои први „се предадоа“ под налетот на подземните води.

Улицата „Белградска“ сепак остана отворена за сообраќај, возила се пробиваат во тесното, а некои стојат и паркирани во близина на ѕидот.

Гласни беа предупредувањата на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Сега уште погласни се префрлувањата на одговорноста помеѓу институциите.

Први кои се амнестираа од одговорност беа од Град Скопје. Оттаму уште вчера соопштија дека немаат законска надлежност за постапување во овој случај и препратија на адреса на Министерството за здравство.

Од кабинетот на градоначалничката Арсовска кажаа дека улицата е во надлежност и сопственост на Општина Центар, додавајќи дека изградба на општински улици е во надлежност на општините, додека булеварите и сообраќајниците се под Градот.

Од Центар денес возвраќаат, со приложени документи. „Да беше до нас, проблемот одамна ќе се решеше“, вели градоначалникот на општината, Горан Герасимовски.

„Согласно Договорот за меѓуопштинска соработка меѓу Градот и Општината од 5.8.2019 година, сите обврски за одржување на функционалноста на улица „Белградска“, што подразбира и градежни активности ако е потребно, е одговорност и обврска на Град Скопје, а Општина Центар не смее да презема активности во тој домен“, се вели во дел од соопштението на Општина Центар.

Од Министерството за здравство испратија допис до медиумите, во кој велат дека потпорниот ѕид е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште. Од оваа институција повикуваат на итно решавање на проблемот.

Инаку, пред повеќе од пет години, алармирале од Клиниката за детски болести, дека потпорниот ѕид изграден помеѓу паркингот позади болницата и улицата Белградска, е навален и постои опасност од негово паѓање.

Според советничката во Општина Центар и поранешна претседателка на Советот, Јана Белчева – Андреевска, сите институции затаиле во овој случај, почнувајќи од оние кои ги одобриле Деталните урбанистички планови, па сѐ до институциите кои биле информирани за проблемот и не реагирале.

„Ние како Совет самите можеме само да предложиме да влезе во Програма, за што имам писмен доказ дека сум го направила, за да се санира потпорниот ѕид. Ова се последици на некои други одлуки. Познато е дека таму постојат подземните води. Тие канали коишто постојат таму, познато е зошто не можат да се исчистат. Тие се затрупани од сите објекти кои се изградени нагоре кон Тасино чешмиче. Урбанистичките планови кои се носеа за Водно и општо за целиот тој дел се многу спорни“, вели Јана Белчева – Андреевска, советник во Општина Центар и поранешен претседател на Советот.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вчера кажа дека прашање на денови, а можеби и часови е кога ќе се урне и останатиот дел од потпорниот ѕид.

Во некое најлошо сценарио постои можност да се урне дури и дел од патот.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Реални се шансите за економски раст меѓу 3,5 и 4 отсто во првиот квартал – Мицкоски на самитот „Македонија 2025“

Дејан Дејан

Таравари: За излегување од Влада ќе одлучуваат партиските органи

Дејан Дејан

Мојсоска Блажески: Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе