Резултатите од Германија се чекаат, хируршките клиники допрва ќе купуваат надворешни компресори за привремено да го решат проблемот со затворените операциони сали, додека пациентите се препраќаат во другите две скопски болници. Медицински кадар од скопските клиники во најава дека ќе оди на испомош на останатите болници.
Заменик министерката за здравство најави дека во хируршките клиники ќе почнат да се оперираат и пациентите што имаат закажано операција, а не само итните случаи, како во изминатите три недели.
Проблемот со непознатата миризба, кој трета недела ги држи затворени операционите сали, не е решен. Сомнежот за миризбата паѓа на застарениот систем за компримиран воздух. Како преодно решение, операционите сали ќе работат со надворешни компресори и боци за компримиран воздух. Клиниките се задолжени да купат вакви компресори, а во меѓувреме, поради недостигот, операционите сали ќе работат во две смени.
За одговорноста за крахот засега никој не зборува.
- „Предметот е во јавното обвинителство би оставила на надлежните институции да проверат и да кажат каде е одговорноста. Она што е одговорност треба да го кажат други, но она што е моја задача лично сметам дека ја извршувам одговорно и се трудам овој проблем да го надминеме колку што е можно побргу и колку што е можно со помали последици пред се за нашите пациенти“- Маја Манолева заменик министер за здравство.
Стручњаци од германска фирма со претставништво во Србија вчера беа во вонредна контрола во компресорската станица и во операционите сали во хируршките клиники, по што треба да дадат препораки што да се прави.
Во заедничките служби на клиниките, кои ги одржуваат системите, велат дека пред два месеци се расипал еден од компресорите, но работат со останатите два и оти во ниту еден момент не запреле со работа. Според нив, проблемот можеби треба да се бара во операционите сали, зашто тие ги снабдуваат со компримиран воздух и кислород сите клиники, а миризба се појавува само во некои сали.
Симона Петровска