Македонија Топ вести

Палевски се уште не е повикан на распит, течат роковите за приговори за обвинението

Љупчо Палевски-Палчо, кој е првоосомничен за убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и на 74 годишниот Панче Жежовски, сè уште не е повикан на распит бидејќи најпрвин се вештачат предметите кои тој ги донесе со себе по екстрадицијата од Турција, но во истовреме се преземаат и други дејствија во случајот, велат од обвинителството. Палевски беше спроведен во земјава на 15 мај и од аеродромот заврши зад решетки Шуто Оризари. Со јавноста се соочи неколку дена подоцна кога во Кривичниот суд се произнесе за околностите за неговиот притвор.

Во интервју за КОД, директорот на истражниот затвор Скопје, Филип Андов изјави дека Палевски носел документи кои биле побарани од обвинителството.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за емисијата 360 рече дека овие документи може да бидат корисни за истрагата. За Палевски истрагата може да трае максимум 6 месеци, по што би требало да се поднесе и обвинителен акт.

Се очекува оваа постапка потоа да се спои со судењето против другите обвинети, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Тие се обвинети дека биле соизвршители во грабнувањето и убиствата. Целта, според обвинението, им била да присилат член на потесното семејство на Вања да даде парични средства за откуп. Обвинет е и нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски, кој се товари дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка. Тој тврди дека е невин, а неговата одбрана дека нема докази за делото за кое се товари.

Коцевски рече дека освен вербални докази, односно дека Палевски информациите за движењето на девојчето ги добил од нејзиниот татко, како што сведочеа дел од обвинетите, има и материјални докази.

Во однос на пиштолот од 9 мм со кој се извршени убиствата, Коцевски не кажа дали е пронајдено оружјето. Палевски претходно поседувал оружје без дозвола, а за тоа сведочи и полициски записник. На 5 мај лани во непосредна близина на тунелот Демир Капија-Јаворица на рутинска проверка од полицијата му бил одземен пиштол Валтер калибар 9 мм, а тогаш Палевски бил во друштво со обвинетите Манев, Кешишов и Видевски.

Како организатор на грабнувањата и извршител на убиствата, обвинетите при нивното приведување го посочија Палевски, кој тврди дека е невин и дека нема да се брани со молчење. Сега се чека да помине рокот од 8 дена за приговор на обвинението за потоа Кривичниот суд да го одобри истото и во рок од 30 дена и да се закаже рочиште за случајот.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Европратениците утре ќе гласаат за извештајот за Македонија

Дејан Дејан

Ангелов: Имаме доброволци, имаме професионалци од ТППЕ, цврсто сум решен да направам и специјалци пожарникари

Дејан Дејан

Ангелов: Зад сите пожари, би рекол, стои човечки фактор, лани имавме неколку пожари од грмотевици и од допир на жици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе