Вести Македонија Топ вести

Петнаесет илјади средношколци полагаат прв дел од државната матура

Со училишното ѕвонче во 10 часот со тест по мајчин јазик, вкупно 14.834 ученици во 127 државни и приватни училишта го започнаа полагањето на првиот дел на државната матура. Матурантите пред да влезат во просторот за полагање требаше да ги остават своите мобилни телефони во одредена просторија. Според директорката на Државниот испитен центар, Билјана Михајловска се се одвива во најдобар ред, без никакви проблеми во организацискиот дел. Новина во оваа учебна година е тоа што наместо во училници, тестовите се полагаат во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање. Целта на новиот концепт е да се добијат пообјективни резултати и да се спречи можноста во одредени групи и училници да не се почитуваат правилата, што беше случај минатата година.

„Препишувањето е неисплатливо, затоа што дури и ако успеат денес да ги прекршат правилата и да извадат телефон и да препишуваат истото тоа ќе биде видено и прочитано во текот на оценувањето. Оваа година секој препишан тест кој што е идентичен со некој друг тест или делови се идентични, не само што ќе се бодува со нула поени, туку целиот тест се бодува со нула поени и се поништува испитот. Значи секој ученик треба да го напише она што го знае. За тоа што го знае може да добие два, три, пет, дваесет поени, ама ако препише ќе добие нула поени и ќе му биде поништен испитот, затоа воопшто не се исплати“, изјава Билјана Михајловска, директорка на Државниот испитен центар.

Михајловска со апел до учениците и до тестаторите да не замижуваат доколку забележат препишување, затоа што со тоа најмалку им прават услуга на матурантите. Во гимназијата „Орце Николов“ полагаа 276 ученици. Според директорот Димовски, учениците генерално добро го прифатиле новиот концепт каде ќе полагаат, посакувајќи им со успех да ја завршат матурата и да продолжат во следните предизвици.

„Генерално на почетокот беше поделено, но во разговор со учениците за кусо време го прифатија овој начин на полагање, сепак за сите нас е новост. Генерално требаше повеќе организација во простор за да се организираме ние конкретно. Сите ученици од нашето училиште полагаат конкретно тука во нашето училиште, има и училишта во кои полагаат и други ученици онаму каде што нема услови, се полага и на други места знаете по факултети“, изјава Митко Димовски, директор на СУГС Гимназија „Орце Николов“.

За голем дел од матурантите и покрај тоа што концептот каде ќе се полага на почетокот им предизвикувало стрес, сепак ваквите стравувања биле неосновани и се поминало во најдобар ред.

За министерот за образование и наука Јетон Шаќири бројните набљудувачи и тестатори кои се вклучени во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик и тој се полага денес, додека следниот испит ќе биде на 8 јуни. Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори. Во процесот, годинава вклучени се 2000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Вработил без јавен оглас и одобрение од Финансии – кривична за директор на основно училиште во Липково

Дејан Дејан

(Фотогалерија) Повредени 24 луѓе, спасени екипажи, патници, деца – силно невреме мина низ Сплит

Дејан Дејан

Владата прогласи кризна состојба поради пожарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе