Вести Македонија Топ вести

ГРОМ со најмногу реклами без пратеник, ЗНАМ со најмалку реклами до најмногу пратеници

Коалицијата на СДСМ во предизборната кампања на парламентарните избори најмногу се рекламирала на телевизија, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е рекордер по потрошено време на реклами на радио, покажува извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Коалицијата Храбро за Македонија предводена од ГРОМ на Стевчо Јакимовски е рекордер по потрошено рекламно време без да освои ниту едно пратеничко место, а движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски со најмалку реклами има освоено најмногу пратеници. Се рекламирале вкупно час и половина, а освоија шест пратеници.

На телевизија најмногу се рекламирала коалицијата на СДСМ, со над 522 илјади секунди или 145 часа реклами, па коалицијата на ДУИ со 345 илјади секунди или скоро 96 часа, а коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ еден час помалку.

ВМРО-ДПМНЕ, со 66 часа се апсолутни рекордери според реклами на радио. СДСМ се рекламирале на радио 3,5 пати помалку, а останатите партии далеку заостануваат.

Анализата покажува дека на СДСМ потрошиле 3,5 пати повеќе рекламно време по убеден гласач од ВМРО-ДПМНЕ

Политичката партија Десна на Љупчо Палевски Палчо, осомничен за киднапирањето и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, воопшто немала реклами на радио и телевизија. Нова алтернатива на скопската градоначалничка Данела Арсовска се рекламирала само на радио.

За предизборни реклами за парламентарните избори, партиите од државата ќе добијат скоро 4,3 милиони евра. 90 отсто од овие пари, односно 3,9 милиони евра, одат за четирите најголеми партии, седум отсто ќе поделат ГРОМ и Левица ќе поделат 300 илјади евра, а сите останати заедно ќе добијат 128 илјади евра.

Политички реклами имало на сите 39 телевизии во Македонија, и на 29 од 38 радио станици.

Во текот на предизборната кампања за парламентарните избори, од 18 април до 6 мај, на сите телевизии имало вкупно над 446 часа политички реклами, а на радио над 121 час.

Од националните телевизии, најмногу реклами имало на Алсат, Канал 5 и на ТВ 21. Кај регионалните предничат Коха, Едо и ТВ Тера, а кај локалните Канал 8 од Кочани, и кумановските ТВ Плус и ТВ Феста.

Кај националните радија, најмногу реклами се емитувале на Антена 5 и Канал 77, кај регионалните на Скај и Буба Мара, а кај локалните најмногу имало на Експрес од Струмица и на Пела од Кривогаштани.

Според Законот, двете најголеми политички партии на власт, односно СДСМ и ДУИ, може да добијат најмногу 4 минути реклами на еден час, кои треба да си ги распоредат по договор. Четири минути реклами на час треба да поделат и двете најголеми партии од опозиција, во оваа кампања ВМРО-ДПМНЕ и Вреди. Една минута реклами на час им следува на партиите од Парламентот кои немаат пратеничка група, Левица и ГРОМ, а 30 секунди може да поделат вонпарламентарните партии, меѓу кои беше движењето ЗНАМ.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нови кадровски решенија по одлуката на Таравари

Дејан Дејан

Врховниот суд ја укина пресудата со 3 години затвор за Васил Јованов, но Кривичниот ја наведе како отежителна околност при изрекувањето на 12 години затвор за прегазувањето на Фросина Кулакова

Дејан Дејан

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе