Вести Економија

Енергетската криза предизвика драматичен раст на цените на енергентите во земјите од Западен Балкан

На 30 мај 2024 година Finance Think го организираше Економскиот форум „По бурата: Управување со прехранбената и енергетската стабилност во Западниот Балкан“, чија цел е да се презентираат нови наоди за ефектитие од неодамнешната криза со цените на храната и енергентите, потпирајќи се на Студиите на политиките за Западен Балкан, со осврт на четири клучни аспекти: егзистенцијата на домаќинствата, конкурентноста на компаниите, фискалниот простор и регионалната интеграција (линк до сумираниот дел и студиите). На настанот дополнително се дискутираше за патоказ со следни потребни мерки и акции за обезбедување самоодржливост и отпорност на шокови за земјите од Западен Балкан.

Енергетската криза предизвика драматичен раст на цените на енергентите во земјите од Западен Балкан. Покрај големата зависност од фосилните горива и увоз на електрична енергија, неефикасностите во енергетската потрошувачка дополнително го продлабочија проблемот. За разлика од ЕУ, земјите од Западен Балкан трошат 50% повеќе енергија за да произведат еднаков обем на БДП. Во текот на последните 6 години, регионалните капацитети за обновлива енергија растат речиси три пати побавно отколку во ЕУ.

Оваа криза која се надоврза на пандемиската криза се одрази и врз сиромаштијата во регионот. Во случајот на Босна и Херцеговина, зголемување од 17.4% на цените на електричната енергија придонесе кон зголемување од 4 процентни поени на стапките на сиромаштија на поединците и домаќинствата, при што нискодоходните домаќинства беа особено погодени.

За да се справат со неповолните ефекти од кризата, владите на земјите од Западен Балкан воведоа анти-кризни мерки за домаќинствата во проценет износ од 3.5 милијарди долари во Западниот Балкан, што го влоши и онака истрошениот фискален простор. Во Северна Македонија, субвенциите за електрична енергија за домаќинствата достигнаа 3.2% од БДП, со што значително го оптоварија буџетот и потенцијално придонесоа кон намалување на расходите за социјална и здравствена заштина. Позитивен исход од овој период е фактот што во среднорочните фискални стратегии на земјите од Западен Балкан се предвидуваат и поголеми инвестициски планови за развој на енергетскиот сектор, што се клучни за спречување на идни шокови од ваков тип, како и за намалување на дополнителниот пристикок врз фискалната политика.

Кристин Мелсом, амбасадорка на Кралството Норвешка, надлежна за  Северна Македонија, Србија и Црна Гора, истакна: „Западен Балкан во моментов се соочува на критична точка, при што нестабилноста во храната и енергијата претставуваат значителна закана за економската стабилност на регионот. И SMART Balkans проектот и FINANCE THINK ги идентификуваа овие несигурности како итни прашања кои ги засегаат сите сегменти на општеството, вклучително и егзистенцијата на домаќинствата, конкурентноста на фирмата, фискалниот простор и регионалната интеграција. Експертите ја истакнаа потребата на Западен Балкан за инвестиции во енергетска инфраструктура и поддржувачки институции и политики за да се обезбеди сигурна, достапна и одржлива енергија. Главните причини за несигурноста на храната во Западен Балкан доаѓаат од економската нестабилност, еколошките предизвици и социјалните разлики. Високите стапки на невработеност и нискиот БДП по глава на жител ја ограничуваат куповната моќ на домаќинствата, ограничувајќи го пристапот до хранлива храна. Временските неприлики и природните катастрофи дополнително влијаат на производството и дистрибуцијата на храна. Решавањето на овие причини бара напори за зајакнување на економскиот раст, зајакнување на земјоделската отпорност и промовирање на социјалната правда“.

Дајана Цвјетковиќ, Проектен менаџер на СМАРТ Балканс, сподели „Горда сум што проектот SMART Balkans ја препозна важноста на проектот Совршената бура: Несигурностите во храната и енергијата ги загрозуваат економиите на Западен Балкан. Се охрабрувам кога гледам многу луѓе кои се заинтересирани за оваа тема и работа на тинк тенк организациите здружени околу овој проект. Методологијата и пристапот претставуваат голем придонес за посилни, поодржливи и поживи граѓански организации кои работат во регионални партнерства за да влијаат на политиките во однос на стабилноста на храната и енергијата во Западен Балкан. Брилијантните умови на овој конзорциум се посветени на генерирање докази и поттикнување политички дијалог за прехранбената и енергетската несигурност низ целиот регион“

Благица Петрески, Извршен директор на Finance Think, потенцираше: „Во поглед на предизвиците, на нашиот пат кон закрепнување, потребно е да се стави фокус на градење отпорни и одржливи економии. Потребна ни е таргетирана социјална поддршка, намалување на субвенциите за електрична енергија, и стабилизација на цените на енергентите, преку јакнење на домашното производство, како критични мерки за ублажување на негативните ефекти од идни кризи врз егзистенцијата на домаќинствата.“

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Чучер Сандево за Телма тврди: состојбата со пожарот во општината е алармантна

Дејан Дејан

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе