Да се подигне свеста за проблемите со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза, да бидеме видливи во општеството и со еднакви можности како и сите останати во однос на нашите потреби и барања, порачаа на денешниот марш претставници на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет „Мобилност Македонија“.
Раната дијагностика и третирање на мултипла склерозата е исклучително важна и може во голем процент да се дејствува да не дојде до настанување на инвалидитет и прогресирање на болеста во голема мера. Тие го повторија своите барања до Министерството за труд и социјала во однос на добивање и користење на додатоците за помош од друго лице, да се поедностиви процесот на апликација на документи и да бидат запазени критериумите при поднесувањето.
„Другото барање е во однос на здравството, лековите кои до сега ги имаме за третирањето на оваа дијагноза не се конкретни, тие се само имуномодулатори кои може да влијаат на организмот. Да бидат во поголем број достапни за нас. Јас не сакам во проценти да одам, тоа е работа на Универзитетска клиника за неврологија, но важно е да има да има поголема соработка со Министерството за здравство за добивање на повеќе лекови за лица со мултипла склероза. И да се донесат нови, иновативни лекови кои се користат во развиенте држави и овие лица живеат многу посоодветно“, посочи Христина Просковска, претседателка на огранокот за мултипла склероза при Мобилност Скопје.
„Позади оваа организација стои Сојузот на Мобилност Македонија, имаме тука лица со телесен инвалидитет, не само од Скопје туку и од цела Македонија. Се надевам ваквите настани ќе ја подигнат свеста за сетоа она со што се соочуваат лицата со инвалидитет или со попреченост“,изјави Гоце Миновски, претседател на Мобилност Скопје.
Во целиот овој процес за подигање на јавната свест многу е важно да се посвети внимание на психолошкиот и на психијатрискиот аспект, додава Просковска. На настанот се приклучија и лицата со параплегија и дистрофија. Здружението на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“ брои 2.700 членови и постои веќе 36 години.
Нина Стефанова