Вести Македонија

Надвор од планираниот дневен ред, советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром го „протнаа“ спорниот ДУП во Лисиче- граѓаните на протест

Без пренос на седницата и со дополнување на дневниот ред, општина Аеродром на вчерашната седница на Советот го усвои Деталниот урбанистички план ЈИ09 блок 09.01. за дел од населбата Лисиче. Станува збор за спорниот план на булевар Србија во близина на кулите Џевахир.

Граѓаните веќе протестираа неколкупати поради носењето на претходниот ДУП поради што општината го повлече и го доработи. Наместо 9 висококатници сега е планирана една зграда со габарит на 12-катница.

На вчерашната седница, овој ДУП воопшто не бил планиран за разгледување. Но, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ од 16 советници ја изгласале точката на дневниот ред и го усвоиле ДУП-от. Опозиционите партии во советот обвинуваат за шверцерски потег на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски.

-Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Совет и градоначалникот Тимчо Муцунски одлучија да ја одмолчат дискусијата и не дадоа ниту еден одговор на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ. Со 16 гласа ЗА и 11 ПРОТИВ беше изгласан ДУП-от за Лисиче без ниту еден изустен збор од Муцунски и советниците на ДПМНЕ. Со цел да го сокријат овој срам, видео материјалот од директниот пренос на седницата на Советот беше избришан од официјалниот YouTube канал на Општина Аеродром. Со усвојувањето на овој ДУП Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ овозможија изградба на висококатница на 12 ката, на крстосницата помеѓу булеварите „Србија” и „12-та Македонска бригада”, реагираат од СДСМ.

Според нив, Тимчо Муцунски ја изневерил довербата на жителите на Аеродром, а мандатот кој го започнал со иницијативи за бришење на градежни маркици- го завршува со „бетонизација”.

Од општина Аеродром пак велат дека се е донесено транспарентно и во согласност со забелешките на граѓаните. Тврдат дека со новиот ДУП се предвидени и паркови и зеленило, а се решаваат и проблемите на жителите кои живеат во тој дел на Аеродром.

-Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност.Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции, велат од Аеродром и тврдат дека целосно се неточни тврдењата за наводна бетонизација кои се дел од дневно политичките интереси на деструктивни и несериозни политички структури.

Во соопштението на општината не е објаснето зошто точката е ставена на дневниот ред на самата седница, а не претходно како другиот ДУП кој е планиран за расправа на седницата и уредно ставен како точка на дневне ред.

О. Аеродром нема ниту објаснување зошто преносот и снимката од седницата не се ставени на официјалниот Youtube канал на општината. На тој начин, граѓаните не може да проверат што се случувало на седницата.

Граѓаните веќе реагираа на информациите и за вечерва најавија нов протест. Сопственик на парцелата каде треба да се гради е „Голден Арт“, градежна компанија која според опозицијата во Аеродром често била донатор на општински активности и на самата општина.

Градоначалникот Тимчо Муцунски е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и беше избран на последните локални избори во 2021-ва. Во рамките на преговорите за состав на нова влада, за него се шпекулира дека ќе стане или министер или вицепремиер, а го поврзуваат со ресорите евро-интеграции, надворешни работи и одбрана.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Топ Тема: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменуваат обвинувања за политиканство и негрижа за настраданите во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Рускиот министер за транспорт пронајден мртов во својот автомобил откако беше разрешен од Путин – се тврди дека извршил самоубиство

Дејан Дејан

Целосно прекинат сообраќајот во двата правци на патниот правец Стенковец – Блаце а затворен и граничниот премин Блаце

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе