До недела обвинителството треба да донесе одлука за случајот со грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓочевска и 74 годишниот Панче Жежовски, бидејќи тогаш истекува и 6 месечниот притвор на осомничените. Во спротивно осомничените ќе треба да излезат од затворот во Шуто Оризари и ќе се бранат од слобода. Во меѓувреме и нивните адвокати извршија увид во доказите на обвинителството, што беше и последниот чекор пред поднесување на обвинението.
„Јавното обвинителство веќе извести дека истрагата против дел од осомничените е во завршна фаза и дека до нив е доставено известување за завршена истрага. Со оглед на тоа што рокот за притвор во истрага за дел од обвинетите истекува, надлежниот јавен обвинител изготвува одлука, за која јавноста ќе биде известена кога ќе биде донесена“, соопштија од ОЈО.
Осомничените Боре Видевски, Велибор Манев и Ватко Кешишов кога беа приведени признаа вина и ја одведоа полицијата до местата каде што биле закопани жртвите. Во меѓувреме каратистот Видевски го смени исказот и сега тврди дека е невин. Извесно е дека за нив обвинителството ќе бара доживотен затвор.
Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој е осомничен дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка, односно давал информации за нејзиното движење тврди дека е невин. Казната за кривичното дело за кое се товари е до 10 години затвор. Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ неколку пати изјави дека обвинителството нема докази против Ѓорчевски.
Како организатор на грабнувањата и извршител на убиствата дел од осомничените го посочија Љупчо Палевски Палчо, кој беше уапсен во Турција и екстрадиран во земјава.
Стефан Димковски кој го превезе Палевски од Белград до Турција е осомничен за помагање по извршеното кривично дело. Тој тврди дека е невин и дека кога го возел Палевски не знаел дека полицијата е во потрага по него.
По поднесувањето на обвинителниот акт, обвинетите имаат 8 дена за приговор. Ако не поднесат приговор, тогаш судот го одобрува, а рочиште ќе треба да се закаже за 30 дена. За обвинение против Палевски ќе се почека, бидејќи истрагата за него започна кога тој стапна на македонско тло, а може да трае максимум 6 месеци.
Вања беше грабната на 27 ноември минатата година, а Панче исчезнал пет дена претходно. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември.
Марија Митевска