Жителите на општина Сарај ќе треба да бираат нов градоначалник. Блерим Беџети од вчера е пратеник на „Европскиот фронт“ со верификуван мандат. На своите сограѓани, веста им ја соопшти преку социјалните мрежи, ветувајќи дека ќе биде гласот на народната волја и дека ќе се ангажира за граѓаните, за европска држава и за подобар економски развој.
За разлика од него, градоначалникот на Тетово Билал Касами, иако беше носител на кандидатска листа за пратеник од „Вреди“ и освои мандат, се откажа од него и одлучи да остане градоначалник.
По изборот на Владата ќе се знае дали уште некоја општина ќе остане без својот прв човек. Речиси е сигурно дека градоначалниците на Гостивар и на Аеродром, Арбен Таравари и Тимчо Муцунски ќе станат министри. Со тоа, ќе биде неопходно и во овие општини да се организираат предвремени избори.
Според Изборниот законик, локални избори се одржуваат секоја четврта година во втората половина на октомври. Предвремени нема да се спроведат доколку до редовниот термин има помалку од шест месеци. Бидејќи редовниот термин за избори доаѓа дури по 17 месеци, оваа година треба да се очекуваат избори за градоначалник во неколку општини. Освен ако Владата не предложи менување на овие одредби како дел од измените на Законот за органите на управата.
Избори се неопходни поради неспоивоста на функцијата пратеник со градоначалник, премиер, министер, вршител на стручни и управни работи во државната управа и друго. И покрај ваквите уставни одредби, Талат Џафери ќе биде и премиер и пратеник. Вчера на конститутивната седница соопшти дека ќе ги врши премиерските задачи до изборот на новата Влада а како пратеник нема да учествува во работата и одлучувањето на Собранието. Во Уставниот суд потсетуваат дека и претходно имало вакви случаи.
Истовремено извршување на две функции имаше во 2016-та и 17-та, кога Емил Димитриев 16 месеци беше технички премиер предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а последните 5 месеци и избран пратеник.
Соња Николовска