Утре во 11 часот треба да почне конститутивната седница на Собранието на која треба да биде утврден новиот собраниски состав, а во пратеничките фотелји да седнат новите народни избраници. Седницата предвидено е да има четири точки.
Прва точка е избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа следи верификација на мандатите на пратениците. Трета точка е предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, и четврта – избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Конститутивната седница трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на негов претседател. Тоa е предвидено со измените на деловникот во кој претходно не беше предвиден рок што пак по изборите во 2016 година стана предмет на различни толкувања, но пред сѐ, на бесконечни блокади и опструкции.
Таа недореченост доведе до ситуација првиот избор на Талат Џафери да се претвори во една од најдраматичните ситуации на земјата. За потсетување, конститутивната седница на Собранието започна на 30-ти декември 2016 година, но беше прекината, а продолжи на крајот од март. Имаше 21 продолжение, за на крајот да го доживее „крвавиот четврток“ на 27-ми април 2017 година, кога беше извршен упад во Собранието, откако пратениците од новото мнозинство решија да гласаат за нов претседател на законодавниот дом. Со процес кој траеше 152 дена, таа стана најдолгата конститутивна седница во историјата на парламентот, но и поука за Собранието.
Со новиот деловни се предвидува конститутивна седница да се одржи најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите, а ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Решението за свикување на конститутивната седница на Собранието со посочениот дневен ред, на 23-ти мај беше потпишано од претседателот на Собранието, Јован Митрески.