Вести Македонија Топ вести

Конститутивна седница по нов Деловник

Нов собраниски состав, ново парламентарно мнозинство, нов Деловник и нов спикер. Утре се конституира 11-от Парламент во независна Македонија.

Седницата ќе има само три точки: избор на верификациона комисија за верификација на 118 мандати, Комисија за избори и именувања која ќе предложи претседател и избор на претседател на Собранието. До тој момент, ќе претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи-Коџаџику.

Седницата е ограничена на најмногу три дена, согласно новиот Деловник. Ова е една од клучните измени, што стана неопходна по 4-месечната конституција во 2017-та што финишираше со случајот „27 април“.  Деловникот се преговараше 5 години низ процесот „Жан Моне“. Со него треба да се надмине и злоупотребата на „европското знаменце“, бидејќи редовната процедура за донесување закон се намалува на 5 дена, а скратената останува 3, со што се минимизира можноста за блокирање преку филибастеринг.

Дел од законодавната власт треба да станат и шестмина претставници на техничката извршна власт. Премиерот Талат Џафери и министрите Фатмир Битиќи, Илир Демири, Љупчо Николовски, Славјанка Петровска и Бисера Костадинова-Стојчевска, од утре треба да извршуваат две значајни државни функции, кои според Уставот се неспоиви. Ниту еден не одговори дали има намера да си поднесе оставка пред изборот на Влада.

Досегашниот парламентарен состав остави зад себе 46 незавршени седници и 130 акти кои влегле во процедура но не биле донесени. Меѓу нив, и уставните измени за внесување на бугарската заедница. Процедурата налага новиот спикер да испрати допис до новиот премиер со прашање дали Владата застанува зад тие предлози или ги повлекува. Ако го прифаќа континуитетот, сите незавршени акти ќе станат обврска на новиот Парламент. Ако не, завршуваат во корпа за отпадоци.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Tрамп изјави дека Русија треба повторно да биде примена во Г7

Дејан Дејан

Руте: На Украина никогаш не ѝ беше ветено членство во НАТО

Дејан Дејан

Зеленски до западните партнери: Не му верувајте на Путин, најисплатливо за НАТО е да ја прими Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе