Домаќинствата летово може да добијат зголемување за еден час на евтината тарифа, во моментов се прават анализи како може да се искористи евтината струја во тој период од денот, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси, Марко Бислимовски, во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“, посочувајќи дека причина за тоа е континуираниот инвестициски бум во фотоволтаични централи, кој влијае врз значително намалување на увозот на струја.
„Зголемувањето на евтината тарифа го правиме да се искористи евтината цена на електричната енергија во тие периоди. Исто така, со тој сигнал што го испраќаме до ЕСМ и до ЕВН Хоум да купуваат електрична енергија во тие периоди, особено ЕВН Хоум, ние на некој начин ќе обезбедиме и пониска цена на електрична енергија, која што сосема е возможно да ни обезбеди и намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата“, вели првиот регулатор.
Моментално евтината тарифа на струјата е од 13 до 15 часот. Регулаторната комисија треба да ја одобри новата цена на струјата на крајот на јуни и тогаш ќе се знае дали и колку ќе се намали цената на струјата.
Бислимовски вели и дека иако минатата година донесена е одлука утврдувањето на цените на цените да се прави во текот на месец декември и тие да важат од 1 јануари, сепак сега ќе се направи исклучок, бидејќи на 30 јуни престанува лиценцата на универзалниот снабдувач.
„Согласно тоа што го имаме како информација, треба да остане истиот, но формално-правно универзалниот снабдувач во декември набави електрична енергија само за првите шест месеци од годината и сега некаде во текот на месец јуни универзалниот снабдувач треба да набави електрична енергија за преостанатите шест месеци од годината и тоа е една единствена причина зошто сега ќе носиме одлука за универзалниот снабдувач во текот на месец јуни и примената на оваа одлука ќе важи од 1 јули“, додава Бислимовски.