Базиликата лоцирана среде „Вечниот град“ – Рим, но „затскриена“ под земја, денеска беше домаќин на македонската делегација. Се празнуваат имињата и мисијата на светите браќа, Кирил и Методиј.
,,Сесловенските просветители нѐ описменија и благодарение на нив имаме свој јазик.“ Ова го порача црковниот врв. Владиците Пимен и Тимотеј заедно отслужија молебен во базиликата „Сан Клементе“.
Токму претставниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, беа предводници на делегацијата во базиликата.
По молебенот, сите претставниците на државната делегација се поклонија пред местото каде што се моштите на светецот. Гробот на неговиот брат, Методиј, сѐ уште е мистерија и освен разни теории, нема никакви други потврдени информации за локацијата.
Освен хуманата мисија со создавањето на азбуката, браќата заедно имаат заслуга за обединување на словенските народи и нашиот живот го вградија во Европа, пред многу години.
Ова го порачаа Отец Пимен и шефицата на државата Сиљановска – Давкова, по молебенот во „Сан Клементе“. Светите браќа својата просветителска мисија ја започнале од Охрид, но во Рим го добиле благословот за своето дело. Таму папата Адријан Втори ги осветил донесените словенски книги, први од таков вид.
Ова го пишува и на плочата поставена во базиликата „Санта Марија Маџоре“. Ова место, беше второто на агендата за посета денеска. Таму делегацијата положи венец со свежо цвеќе.
Петар Догов