На 22 мај ќе се прегласува во седум избирачки места во ИЕ 5 и ИЕ 6, одлучи Државната изборна комисија откако Управниот суд ги отфрли тужбите на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ против одлуката за поништување на изборите на овие избирачки места поради нерегуларности.
По оваа одлука, висат два мандати на Коалицијата „Европски фронт“, еден во петката кој може да отиде кај СДСМ и еден во шестката, кој би припаднал на Коалицијата „Вреди“
Следната среда во петата изборна единица ќе се прегласува на шест избирачки места каде право на глас имаат вкупно 3.521 гласач. Ќе се гласа на две изборни места во Крушево, две во Долнени, едно во Струга и едно во Охрид. Разликата меѓу СДСМ и ДУИ на овие шест избирачки места е 8 гласа. Во шестата изборна единица ќе се гласа на избирачкото место 2101 во Желино каде право на глас имаат 992 гласачи а на изборите на 8 мај убедливо победила коалицијата „Вреди“.
Претседателот на ДИК, Даштевски, ги читаше сите верифицирани мандати а бројката во петата и шестата изборна единица изнесува по 19 бидејќи не е верифициран по еден од Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ. Тоа значи дека во моментов висат мандатите на Исмаил Јахоски во петката и Фатмире Исаки во шестката.
На седницата на ДИК на која беа разрешени избирачките одбори на местата каде ќе се прегласува не беше присутна потпретседателката Дитмире Шеху која имаше издвоено мислење на одлуките за поништување на изборите на овие гласачки места.
Управниот суд вчера, во маратонска целодневна работа одржи седум јавни расправи по тужбите на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ за поништените гласања на седумте избирачки места.
Расправите почнаа утрината а завршија пред полноќ, некои од пресудите беа соопштени во раните утрински часови. На секоја од нив беа отворени кесите со избирачкиот материјал – гласачките ливчиња и избирачките списоци кои рачно едно по едно беа пребројани пред судскиот совет.
Во повеќето случаи беше утврдено дека има едно гласачко ливче повеќе од бројот на потписи во избирачкиот список односно гласачки кои го оствариле своето право на глас. На расправите правниот тим на Коалицијата „Европски фронт“ се обиде да докаже дека гласањето минало без нарушувања на изборниот процес и како аргумент го посочуваше записникот од избирачките комисии каде немаше нотирано забелешки.
Сите седум тужби беа отфрлени и беа потврдени одлуките на Државната изборна комисија (ДИК).
Огнен Чанчаревиќ