Не треба да се чека да настане некоја ургентна ситуација за да се отиде на гинеколог. Редовните превентивни прегледи и изборот на матичен се клучни за женското здравје порачаа гинеколозите. Според здравствените податоци во општина Шуто Оризари има околу 2.500 жени кои имаат здравствено осигурување, но немаат одбрано матичен гинеколог, а пак илјада жени немаат ниту здравствено. Матичниот гинеколог од таа општина апелира повеќе да се едуцираат жените од овие средини и да одат на прегледи.
„Најголемиот проблем е што доколку пациентката има некој проблем тогаш доаѓа и избира матичен гинеколог. Значи не доаѓа предвреме да го избере матичниот туку кога ќе има некоја ургентна ситуација“, вели Ламбе Крстески, матичен гинеколог во општина Шуто Оризари.
Според законот секој жител има право на здравствено осигурување, а со тоа и на бесплатни здравствени услуги. На денешниот симпозиум на гинеколозите и опстетичарите беше заклучено дека превентивните прегледи се најважни за спречување на карцином.
„Според една анализа направена од Министерството за здравство една пациентка со понапредна фаза на карцином ја чини државата повеќе од 200 илјади евра со сите терапии и таа никогаш нема да го врати начинот на живот пред откривање на болеста“, изјави Глигор Тофоски, претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари.
Претседателот на лекарско друштво предлага во апликацијата „Мој термин“ да се воведе „син термин“ со кој во секое време би имало барем четири термини за преглед на жените со рак.
„Пациентката која ќе биде со малигно заболување ќе биде слободна. Во тоа сино поле не смее друга дијагноза да стои. Такви места макар и да не се пополнат нека има четири до шест“, изјави Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво.
„Здравјето во фокусот на жената“ е меѓународниот симпозиум што ќе се одржува од денеска до недела во рамки на Неделата на женското здравје 2024.
Тамара Марковска