Една недела по големиот пораз на двојните избори, Социјалдемократскиот сојуз ги започнува подготовките за внатрепартиските реформи.
Извори од СДСМ брифираат дека се подготвуваат за процесите што ќе се одвиваат, во согласност со статутарните постапки.
За следната недела се закажани состаноци на раководството на партијата и Извршниот одбор, за отпочнување на постапката за свикување отчетен Конгрес.
Во јуни, на Конгресот ќе се анализира – како се случи изборниот резултат, а потоа ќе се трага по одговорноста, каде згрешија социјалдемократите.
Според најавите, одговорност ќе се побара од највисокиот партиски ешалон, па сѐ до општинските организации.
„Согласно Статутот, се очекува на отчениот Конгрес да бидат дефинирани рокови и начин на спроведување на внатрепартиски избори. Процесот на обнова ќе биде на сите нивоа, ќе се избира претседател, заменик претседател, раководство, сите органи и тела на партијата на централно и локално ниво, согласно Статутот на СДСМ“, информираат од партијата.
Дел од највисокото раководство уште веднаш по изборите, најави оставки. Први започнаа двајцата потпретседатели, Фатмир Битиќи и Перо Костадинов.
И Јована Тренчевска објави дека се повлекува од функцијата претседателка на Форумот на жени на СДСМ, но продолжува на пратеничката позиција.
Претседателот на партијата, Димитар Ковачевски, реторички го најави напуштањето на претседателската позиција.
Сè уште никој официјално не се произнесе дека ќе трча за местото претседател на Социјалдемократскиот сојуз. Сепак, во јавноста провејуваат неколку имиња на истакнати функционери од партијата, како претеденти за фотелјата на „Бихаќка“.
Се шпекулира со името на поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов, името на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, како и името на Јован Деспотовски, кој и претходно се кандидираше за претседател на социјалдемократите.
Од партијaта и претходно најавија дека секој кој ги исполнува условите ќе може да се кандидира на изборот кој ќе се организра во рамки на Конгресот.
И опцијата дека некој од досегашните потпретседатели одново ќе раководи со партијата, исто така постои како можност. Сѐ ќе биде појасно по партиските избори кои ќе се организираат во јуни.
Петар Догов