Вести Македонија Топ вести

За неколку дена ќе се знае каде ќе се прегласува – ДИК прифати приговори за седум избирачки места

Гласањето ќе се поништи на седум избирачки места, а каде ќе има прегласување – допрва ќе се одлучува.

Државната изборна комисија одлучи да ги уважи приговори на Коалицијата „Вреди“ за едно избирачко место во Изборната единица 6 и на Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во „петката“.

Останатите приговори се одбиени или повлечени.

Комисијата сега ќе го очекува исходот од тужбите до Управниот суд.

Секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесена тужба. После одлуката на Управниот суд, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите, соопштија од дик.

Од ДИК појаснуваат дека доколку има избирачки места каде што ќе се поништи гласањето, дополнително ќе се направи симулација, дали бројот на запишани гласачи каде што има поништување на гласањето, ќе влијае на резултатот во распределбата на мандатите.

Во зависност од тоа, по одлуките на Управен, ДИК ќе решава за евентуално прегласување на определени избирачки места.

Државната изборна комисија вчера напладне започна со разгледување и одлучување по приговорите кои ги поднесоа партиите, за парламентарните избори.

Прв приговор кој беше усвоен е приговорот од „Вреди“ за избирачко место во Ларце, Желино.

Седницата на ДИК продолжи до рано утрината. Прифатени биле приговорите поднесени од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ за едно избирачко место во Охрид, за две во Крушево, за две избирачки места во Долнени, како и приговорот за едно избирачко место во Струга, поднесен од Коалицијата „Твоја Македонија“ и Коалицијата „За Европска иднина“.

Несовпаѓање на бројот на гласачи потпишани во списокот и бројот на ливчиња во кутијата, неправилно пополнет записник, несовпаѓање на бројките од записникот и уредот за биометриска идентификација – ова се дел од причините за прифаќање на приговорите и поништување на гласањето во наведените избирачки места.

Освен борба за пратеник плус на контото, која евентуално може да дојде во Изборните единици 5 и 6, партиите во моментов се обидуваат и да обезбедат и „превласт“ во составот на Државната изборна комисија.

Политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на ДИК, а партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови.

Главната борба е во „петката“ каде што ДУИ за 109 гласа повеќе од Коалицијата на СДСМ, успеа да обезбеди четворица пратеници, додека на Коалицијата за европска иднина ѝ припаднаа тројца народни избраници.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Меѓаши“ го осудува насилството врз врзаното девојче од струмичко Ново Село

Дејан Дејан

Репортажа на Телма: Црни полиња и пепел по вчерашниот пожар кај Блаце

Дејан Дејан

Се очекуваат и до 10 милијарди евра – Европа најави Фонд за обнова на Украина, Зеленски бара „Маршалов план“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе