По давањето на свечената изјава на претседателката Силјановска од коалицијата “Вреди” изразија загриженост “што емоциите од кампањата влијаат на рационалноста во првите чекори во реал политика.”
-Имаме разбирање за чувствата на македонскиот народ, но нема втора шанса за прв впечаток за новата шефица на државата – реагираат од коалицијата “Вреди” по заклетвата на претседателката Гордана Силјановска Давкова без уставното име Република Северна Македонија.
-Претседателот на Републиката мора да биде пример за почитување на Уставот, особено кога станува збор за професорка по уставно право. Северна Македонија е полноправен член на НАТО Алијансата и со почнати преговори со ЕУ, но, не чекаат уставни измени за да продолжиме по европскиот пат. Не ни треба отворање на старите рани. Затоа, добро е што новата претседателка ја потпиша заклетвата со уставното име, што сепак е знак дека реалноста де факто е прифатена од неа, се вели во соопштението од потенцијалниот коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата чија кандидатка беше Силјановска Давкова.