Обрасната трева, а врз неа инсекти, ова е првото нешто што може да го забележите на кејот на реката Вардар. Денеска беше сончево и убаво време, граѓаните спортуваа и се рекреираа на кејот, а одговорните почнаа да ја косат тревата, дури сега на средината на месец мај.
„Обраснатата трева на кејот на реката Вардар започнаа да ја косат, меѓутоа проблемот со комарците останува нерешен.“
Граѓаните стравуваат за опасноста од ширење на заразните болести која произлегува од комарците, а докторите ги потврдуваат нивните стравови.
Дел од тендерот за прскање против комарци беше поништен на 30ти април бидејќи немало прифатливи понуди за делот кој се однесува на прскање против комарци од земја и делот за средствата за прскање. Откако тој тендер беше поништен па се досега не е објавен нов тендер. Додека надлежните од Град Скопје да одлучат кога да го објават новиот тендер комарците веќе се намножија и развија. На нашите прашања околу овој проблем тие не дадоа одговор.
Минатата година со прскање против комарци се започна на 13ти април. Присуство на тигрестиот комарец во 2017 година беше докажано само во југоисточниот регион на границата со Грција и на една локација во Скопје, во близина на автобуската и железничката станица. Но, откако следната година беа поставени мамки тој беше регистриран во три општини, а сега со сигурност може да се каже дека е присутен на целата територија на град Скопје.
Тамара Марковска