Лажел дека е вработен во Агенцијата за национална безбедност и на бизнисмен му изнудил 180 илјади евра. 54 годишниот бизнисмен и директор на фирма кој добивал сериозни закани по неговиот живот, останал без пари, три автомобили, два мобилни телефони, златни прстени и друг накит.
Лажниот вработен во АНБ, според сознанија на Телма, е Игор Јосифовски. Тој бил посредник и требало да наплати долг од бизнисменот. Откако стапил во контакт со бизнисменот бил информиран дека парите ќе бидат исплатени преку банкарска гаранција, но не веднаш. Потоа започнал да му се заканува на вибер и по смс пораки. Целата комуникација од ноември кога за прв пат бил исконтактиран, бизнисменот ја евидентирал. Случајот го пријавил во полиција на 5 април, односно во петокот, па што измамникот бил фатен.
„Истиот ден околу 17.00 часот, по претходен договор помеѓу нив, на ул.”Симеон Кавракиров” во Скопје М. Г. му предаде 500 евра на И.Ј., кои претходно беа криминалистичко-технички обработени. Веднаш потоа, во заедничка акција на Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на сериозен криминал и Единицата за насилен криминал при СВР Скопје И. Ј. беше лишен од слобода и задржан во Полициската станица Кисела Вода за понатамошно постапување.“
Уапсените, според сознанија на Телма и бил познат на полицијата за кривичните дела, измама и изнуда. На посочената улица во населбата Аеродром тој дошол со Рент а кар, а парите 500 евра, кои е всушност биле последната исплата, бизнисменот ги оставил на совозачкото седиште. Јосифовски потоа бил фатен од полицијата.
Од бизнисменот, како што велат извори за Телма, осомничениот одземал два мерцедеси и едно пежо. Едниот мерцедес изнудувачот го терал бизнисменот да си го откупи, а другиот мерцедес да му го препише на трето лице, односно до неговата продажба да дојде до парите.
Јосифовски заработи кривична пријава и обвинителството отвори истрага против него.
„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела – Изнуда од член 258 и Лажно претставување од член 391 од Кривичниот законик.“
Обвинителството побарало притвор поради опасност од бегство, можност за попречување на кривичната постапка со влијание врз сведоците, како и веројатност да ги повтори делата. Судија на претходна постапка му определи притвор од 30 дена.
Марија Митевска