Во полициската станица „Пролет“ денеска немаше гужва, иако има вонредно сликање за лични карти. Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски пред два дена ги повика граѓаните кои сега станале полнолетни, а немаат никаков документ за идентификација да се сликаат во сабота со цел да можат да го остварат своето право на глас.
„Денеска сите кои имаат 18 години, а немаат никаков личен документ имаа можност да се фотографираат за лична карта без закажување.“
Повеќето беа возрасни, малкумина од младите дојдоа да ја искористат можноста. Тие велат дека и претходно закажале за сликање, но требало да чекаат со месеци и сметаат дека ова е олеснување за нив.
„Дојдов да се сликам за лична карта. Првпат доаѓам. Не сум закажувал досега. Ќе ја искористам оваа шанса за да имам можност да гласам на изборите“, вели еден од тинејџерите.
„Денеска првпат вадам лична карта. Слушнав дека има можност порано да се земе личната карта и одлучив да дојдам денеска да ја извадам. Сметам дека ова е олеснување за нас младите да не треба да закажуваме. Имав закажано на 2-ри мај, но сега дојдов за да биде побрзо“, вели друг тинејџер.
Дел од нив и денеска се соочиле со проблеми и треба да доаѓаат повторно.
„Дојдов да извадам прва лична карта, но пак не е сѐ како што треба. Застанав во редицата и таман дојдов на ред и ми кажаа дека не можам да извадам. Јас сум полнолетен веќе имам 18 години, ама немам родител со мене и не ми даваат да извадам лична карта. Тешко оди овој процес. Имам пасош со мене сега, ама истечен ми е и немам никаква исправа моментално. Имав закажано за јуни/јули, ама мене ми треба сега“, додава трет тинејџер.
Додека за некои се олеснува процедурата за вадење на лични документи, другите мака мачат со истото. Телма неодамна објави случај каде што граѓни не можат да ја подигнат платата затоа што ливчето кое го имаат дека документите им се во процедура во МВР не им важи на шалтер во банка. И истите не можат ниту да извадат пари од банкомат затоа што сметките не им се активни. Граѓаните се пожалија дека со истечена лична карта ќе може да се гласа на избори, а не може да се располага со сопствените пари.
Тамара Марковска