Пет дена по обидот за убиство на градоначалникот на Арачиново, сè уште нема конкретни резултати во полициската истрага. Имало двајца приведени, а додека траело нивното приведување и министерот Тошковски бил во СВР Скопје кое ја води истрагата. Но, и покрај сомнежите досега не е утврдена нивна поврзаност со нападот. Еден е пуштен, вториот се борел во странска војска и сега е опфатен со друга истрага за друго кривично дело.
Врз градоначалникот Ридван Ибраими беше пукано додека со полициско обезбедување, доделено поради заканите кон него, и со двајца соработници од општината се движел по главната улица во Арачиново. Напаѓачот со автоматска пушка излегол од куќите и почнал да пука. Полицаецот успеал да го оттурне градоначалникот во каналот до улицата и да го спаси, додека двајцата соработници од општината беа ранети. Еден потешко и беше опериран на градниот кош.
Првичните сомнежи се дека станува збор за напад поради спор за земјиште покрај улицата за што Ибраими и општината веќе доживеаја два физички напада и серија закани. Засега за оваа верзија нема докази, но нема иниту осомничени, а за полицијата, спорот за земјиштето сè уште е една од главните линии во истрагата.
Миомир Серафиновиќ