Пресврт на настаните за убиениот доктор во Железара. Местото на злосторот не е во автомобилот пред поликлиниката. Лекарот бил убиен на друго место и неговото тело било донесено во автомобилот. Овие нови детали ги откри дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев во емисија на Слободен печат. Според него местото на ликвидирање допрва треба да се утврди.
„Колегите сè уште работат, ги собираат информациите од терен, подигнати се доказите од автомобилот кој е најден, каде што е најдено лицето и според наши сознанија и според тоа што досега е утврдено можам да потврдам дека лицето не е убиено во автомобилот, туку е донесено во автомобилот“, изјави Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик министер за внатрешни работи.
Техничкиот министер за внатрешни работи Тошковски изјави дека е несериозна и непрофесионална изјавата на Бојмацалиев за лекарот.
„Ова се нерсериозни и непрофесионални изјави кои не сум ги слушнал, но ако е кажано така како што велите од страна на било кој функционер можам само да кажам дека станува збор за непрофесионална изјава“, изјави Панче Тошковски, технички министер за внатрешни работи.
Од Обвинителството замолуваат да не се споделуваат информации околу случајот затоа што истрагата сè уште трае и убиецот не е откриен.
„Откривачката улога во случајот ја има Министерството за внатрешни работи, а Јавното обвинителство ги издава сите потребни наредби и насоки за откривање на сторител и за целосно расчистување на настанот. Со оглед на тоа што МВР се уште не идентификувало сторител на кривично дело, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали кои можат да ја загрозат постапката“, соопштија од Основно јавно обвинителство.
Телото на 67-годишниот лекарот Ацо Трповски со девет убодни рани беше пронајдено од неговите синови откако тој неколку часа по завршување на работното време не се вратил дома и не одговарал на телефонските повиците. За случајот полицијата приведе три лица, но ги пушти на слобода поради немање цврсти докази.
Тамара Марковска