Перцепција е во прашање, субјективна. Во извештајот за Индексот на среќа стои дека нешто што е многу цврсто поврзано со чувството на среќа која е операционализирана преку задоволството од животот, е како или колку ја доживуваат ефикасноста на владата, на естаблишментот, на луѓето кои ги водат, рече д-р. Ана Фрицханд од Институтот за психологија на УКИМ во вечерашната дебата во „Вин-Вин“ на Телма ТВ.
„Има пет индикатори кои ги мерат во смисла колку е фискално способна, бруто-домашниот производ, владеење на правото, колку може да ги исполнува услугите кон граѓаните. Пна што, исто така, е важно и се нагласува е довербата во системот, социјалната поддршка. Јас не би споредувала овде во регионот. Имаме нив сличности, културолошки, но и различни сме по одредени нешта. Меѓутоа ако ја погледнете онаа втора компонента, здравјето, односно животниот век, Македонија е на 88 место и проценето е на 75-годишна возраст“, вели Фрицханд.
Според неа, повеќе е како нашите граѓани го перцепираат квалитетот на живот што го имаат.
„Ако тргнеме да разговараме што нè прави среќни, некогаш може да добиете и една друга перцепција или слика. Некој може ќе рече „да, во општеството не е се како што треба да биде, може да биде многу подобро, но на личен план се чувствувам среќен затоа што сите дома се здрави, јас сум здрав, покрај мене се луѓето кои што ми значат, тука се секогаш за мене кога ми требаат“. Значи нешто што е многу помоќна мотивација да ве турка напред. „Водам живот кој има смисла, имам цел во животот, колку и да е тоа на некое микро ниво“, рече Фрицханд.
Во голема мера, според неа, не е само општествената призма, туку има многу индивидуално чувство како секој од нас се чувствува.
„Некој можеби не се чувствува дека е на 84 место, туку се чувствува дека е во топ 10. На личен план, на индивидуален план. Затоа што сите ние живееме во едно општество, условите се отприлика еднакви за сите нас, меѓутоа не сме сите подеднакво среќни или несреќни. Има и богати кои не се многу среќни, а се дел од едно општество, има и сиромашни кои не се потполно несреќни“, истакна Фрицханд.
Македонија е на 84-то место во Извештајот за Индекс на среќа на Обединетите нации, додека младите под 30 години во земјава сè нешто посреќни и се наоѓаат на 67-то место. Финска останува најсреќна земја во светот и седма година во низа е на првото место.
Светскиот извештај за среќа е Индекс за среќа што ја објавува Мрежата за решенија за одржлив развој при Обединетите нации секоја година од 2012 година. Се заснова на проценката на луѓето за нивната среќа, како и на економските и социјалните податоци.
Извештајот разгледува шест клучни фактори: социјална поддршка, приход, здравје, слобода, благосостојба и недостиг на корупција.