Состојбата со Голема кашлица продолжува да се влошува. Денеска се потврдени вкупно 10 нови случаи. Поради алармантната состојба продолжува инспекцискиот надзор во сите градинки. И министерството за труд и социјална политика преку свои инспектори врши редовни и вонредни контроли. Само оние деца кои имаат примено три дози вакцина против пертусис се примаат во градинка, под услов во рок од половина година да ја примат и четвртата доза. Ова го потврди дополнителната заменичка министерка Тренчевска.
„При секој надзор се гледа и здравствениот картон на секое дете дали ги има примено вакцините. Така продолжува и во овој период и секако согласно насоките од Комисијата за заразни болести деца со примени три дози може да бидат примени во градинката доколку во рок од шест месеци ја примат и четвртата доза, а останатите за да не го загрозат здравјето на децата коишто веќе се вакцинирани не се примаат во градинка“, вели Јованка Тренчевска, дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.
Од Комисијата за заразни болести сметаат дека масовното вакцинирање е единствениот начин за сопирање на епидемијата на голема кашлица.
„Не можеме никако да ја предвидиме ситуацијата која ќе се случува со големата кашлица, бидејќи е една комплексна ситуација во која.. Најважно е да стигнеме до 95% имунизација за да го затвориме процесот на епидемија која е прогласена во град Скопје“, изјави Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) препорачуваат вакцинација на целото население, а особено на оние постарите лица над 65 години, бремените жени, здравствените работници и оние со хронични болести. До крајот на минатата недела против грип во Македонија се вакцинирани, речиси, 62.000 граѓани.
Заразата со сезонски грип се намалува. Минатата седица заразени сер 253 пациенти, што е за 40% помалку споредбено со претходната. Најголем дел од заразените се од Гостивар, каде се потврдени 49 случаи, потоа следуваат Струмица, Кавадарци, Скопје, Куманово и Битола. Најбројни се оние на возраст од 15 до 64 години, покажува најновиот извештај на ИЈЗ.
Тамара Марковска