Студенти, професори, колеги од други факултети, рамо до рамо пред Владата преку импровизирана училница го изразија револтот што и по повеќе од осум години ФИНКИ нема сопствен дом. Наместо во предавална студентите на настава пред Влада.
Бирото за развој на образование децидeн – бараките не ги даваме, деканот на ФИНКИ не отстапува, студентите заслужуваат подобри услови за настава.
„Државата располага со простор во рамки на други државни институции кои што е неискористен, единствено треба да се направи напор да се изнајде истиот и да се преселат Бирото кое што треба да се пресели во канцелариски простор. Нивните потреби не се преголеми. Доколку Бирото има потреба од училница, ние ќе им отстапиме училници за спроведување на било какви обуки, меѓутоа реално не гледам некој голем проблем зошто навистина би било неизводливо дислокација на бирото“, изјави Боро Јакимовски, декан на ФИНКИ.
Министерството за образование и наука (МОН) на средба со ректорот на УКИМ ќе бара факултетите со слободни простории да им ги отстапат на нивните колеги од ФИНКИ за да држат настава, сè додека не се изгради новата зграда.
„Јас како министер имам побарано секогаш дополнителни средства за тие објекти да се изградат. Но, во двата претходни буџети не се обезбедија средства, но се обезбедени дополнителни средства ФИНКИ да има повеќе простории во Техничко технолошки факултет кои тие простории се прилагодени и со буџетот на ФИНКИ и со буџетот на МОН, но ние решение ќе најдеме“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
Барањата за сопствен дом продолжуваат, протестот неизбежен вели деканот на ФИНКИ. Додека студентите ја исчекуваат новата зграда во склоп на кампусот УКИМ, изградбата е стопирана откако во јули 2019-та фирмата-изведувач „Бетон-Штип“ отиде во стечај.
Симона Петровска