Лајшманиозата е заразна болест која спаѓа во групата на зоонози, болест која се јавува кај домашните животни и луѓето, истакна Николче Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на почетокот на вечерашнбата дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Скоро 70 отсто од заразните болести кај луѓето припаѓаат токму на зоонози. Лајшманиозата, како болест кај домашните животни, пред сè домашните миленичиња кои се најголем избор и резервоар, е неизлечива. Лекувањето е симптоматско, а опасноста преку векторите за пренесување кај луѓето, е огромна“, истакна Бабовски.
Заради тоа, продолжи тој, лајманиозата во изминатите години е влезена во годишната наредба за болести кои што претставуваат и здравствен и економски проблем во државата.
„Од една страна е да имате здрава нација и со тоа да имате економски бенефит, а од друга страна е да имате појава на заразна болест која е тешко излечива. Во нашата држава во овој момент, што се однесува до животните, немаме регистрирано лек со кој што може да се лекува самата лајшманиоза. Нема увозник и нема регистриран лек“, рече првиот човек на АХВ.
Бабовски посочи дека една од можностите за бездомните кучиња да бидат згрижени во прифатилиштата до крајот на нивниот живот. Бедзомните кучиња се грижа на општините и Град Скопје и на прифатилиштата кои што се регистрирани од одредени локални самоуправи или на ветеринарните друштва кои вршат услуги на општините.
За домашните миленици кај кои ќе се констатира лајшманиоза, тој истакна дека сопственикот потпишува изјава „дека е свесен и ќе ја обезбеди целосната благосостојба на животното до крајот на неговиот животен век“.