Вести Македонија Најважни

Армиските хеликоптери од 230 милиони евра во папка за антикорупциска проверка откако ДКСК се „разбуди“ од дремката

Антикорупциската комисија отвори предмет за набавката на воените хеликоптери од италијански Леонардо по опозициските критики за оваа зделка за модернизација по НАТО стандарди со цена од 260 милиони евра. Одлуката е донесена вчера кога по повеќе од еден месец молк, Антикорупциска се разбуди и се отвори кон медиумите кои со недели чекаат одговори за активностите и обврските на ДКСК особено во предизборниот период.  

-Бараме разбирање, имаше проблеми, но сите одговори ќе бидат доставувани во рок од 24 часа и сите новинарски прашања се веќе одговорени, така го почна телефонскиот разговор претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска, по дремката и молкот во ДКСК кој траеше повеќе од еден месец.

Будењето почна вчера кога Димитровска имаше и јавно појавување. Претходно функционираше без минимална транспарентност, а останаа уште неодговорени прашања.

Телма во изминатиот период испрати повеќе мејлови поврзани со предизборните обврски на ДКСК, но одговор беа исклучок наместо пракса, а немаше одговор ниту на барањето за интервју со претседателката Татјана Димитровска. Молкот заврши со интервју на претседателката за Јавниот сервис вчера, но и со повеќе јавувања на новинари кои претходно безуспешно ја бараа Димитровска.

Во разговорот со Телма, Димитровска потврди дека отвориле 13 постапки за проверка дали се прекршени предизборните правила. Отворени се и две други постапки. Едната е за набавките на хеликоптерите од Министерството за одбрана и втората за набавка на медицински возила во Здравство.

Димитровска телефонски ни рече дека се подготвува известување за барање на документација за големата набавка на хеликоптери од 230 милиони евра, одлука која е донесена по 5-годишна работа на Интегриран тин за таа набавка во Министерството и Армијата. Бидејќи дел од документацијата за таа набавка е државна тајна, предметот ќе го работат членови на ДКСК кои имаат таков сертификат. За останатите кои немаат соодветен безбедносен сертификат, тој документ веќе е побаран за нив.

Набавката на 8 хеликоптери од италијански Леонардо беше обелоденета минатата недела. Новите хеликоптери доаѓаат во пакет со изградба на нов хангар, симулатор за тренинзи, додадено оружје, обука и сервисирање и резервни делови.

Догодина почнува „пензионирањето“ на актуелниот хеликоптерски состав од советско производство, а првиот западен италијански хеликоптер треба да стигне пред крајот на 2026-та.

Опозицијата го критикуваше договорот како несоодветен кој се потпишува пред избори,дека хеликоптерите не биле борбени и дека не е објаснето како е избрана понудата на Леонардо.

Од Одбрана пак се „бранеа“ дека изборот е направен од Интегриран тим кој работел подолго време и новите западни хеликоптери се купуваат согласно стратешките документи за одбрана. ДКСК отвори предмет за да утврди која е најточната верзија.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гала концерт „Од MOБ за Скопје“ на плоштадот „Мајка Тереза“

Дејан Дејан

Родителите на жртвите од „Пулс“ во понеделник ќе чекаат одговори од надлежните за нивните барања

Дејан Дејан

Семејствата на жртвите од „Пулс“ не веруваат на институциите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе