Неофицијалната изборна кампања најавува безмилосна и остра официјална кампања. Традиционалните ривали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ секојдневно даваат негативни квалификации за претседателскиот кандидат на другата партија. Се засилува вордингот и меѓу ДУИ и „Вреди.“
Опозицискиот фронт на Албанците го нарече Бујар Османи „пациент“, кој не може да ја води државата бидејќи самиот бил осомничен за корупција во предмет на СЈО наречен „пациент“.
-Пациентот Бујар Османи не може да бара меѓународен ветинг затоа што прво мора да почне од себе си и од пријателите. Општо е познато дека тој и неговата партија го дуизираат судството. Одат до таму што по секоја цена сакаат да го амнестираат и вратат Никола Груевски како народен херој во Република Северна Македонија, рече Фадиљ Исени од Коалицијата „Вреди“.
Во ДУИ се уверени во победата на Османи. Истакнуваат дека има поголем коалициски капацитет и дека со право претендира не само на влез во вториот круг туку и на целосна победа.
-Ниту под разно не размислуваме да не бидеме во вториот круг. Ние ќе бидеме во вториот круг и сите наши капацитети се насочени кон освојување победа на претседателските избори. И не само на овие избори, туку и на каузата што ја презентираме пред граѓаните – претседателот на државата да биде избран во Собранието, вели пратеникот од ДУИ, Арбр Адеми.
ВМРО-ДПМНЕ го обвини Пендаровски за признание дека тој и СДСМ ја ставиле државата во подредена положба на Бугарија, а СДСМ ги обвини Силјановска и „Белата палата“ дека се залагаат за изолација, затвореност и безнадежност.
-Стево Пендаровски е најконфузниот политичар кој некогаш бил избран на било каква функција во Македонија. Со Стево Пендаровски имаме измеќар на СДСМ и ДУИ. Со право народот вели – немаме држава. Време е да ја вратиме!, вели пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Миле Лефков.
-Граѓаните заслужуваат европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, а знаат дека тоа нема да го добијат со Силјановска. Напротив, нејзиниот избор ви значел враќање назад и оддалечување од патот кон ЕУ, изјави пратеничката од СДСМ, Снежана Калевска-Ванчева.
Кампањата почнува на 4-ти април. До 2-ри април, учесниците во изборниот процес треба да потпишат Кодекс за фер и демократски избори.
Соња Николовска