Нови американски санкции за македонска фирма на израелски сопственици, поради софтверот „Предатор“, кој бил користен за шпионирање и на американски политичари.
Американското Министерство за финансии прогласи две лица и пет фирми, меѓу кои и македонската „Сајтрокс“, поврзани со конзорциумот „Интелекса“ – „за нивната улога во развојот, работењето и дистрибуцијата на комерцијална технологија за шпионски софтвер што се користи за таргетирање Американци, вклучително и државни службеници на САД, новинари и експерти за политика“.
Нивниот имот во САД ќе биде замрзнат, а на американските државјани им се забранува соработка со лицата и фирмите ставени на црната листа.
Златна година на македонската компанија „Сајтрокс“ била 2020 година, кога заработила над 1,5 милиони евра, но трошоците постојано се поголеми, па работи со загуба. Фирмата имала 20-тина вработени, а од 2022 година нема вработени.
Oсвен „Сајтрокс“, на листата се најдоа и компанијата „Интелекса С.А“ од Грција, двете компании од Ирска – „Интелекса Лимитед“ и „Талестрис Лимитед“, и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“. Двете физички лица кои ќе бидат под санкции од САД се Тал Џонатан Дилијан кој е основач на конзорциумот „Интелекса“ и Сара Александра Фајсал Хаму, корпоративен специјалист за офшор компании која работела за „Интелекса“.
Оваа фирма лани заврши на црната листа на Бирото за индустрија и безбедност во американското Министерство за трговија, со што им беше забрането на американските компании да работат со неа оти претставувала закана за „националната безбедност и интересите на надворешната политика на САД“.
Уште кон крајот на 2021 година, компанијата Мета, која го поседува Фејсбук и Инстаграм, отстрани 300 профили на овие социјални мрежи, поврзани со „Сајтрокс“, затоа што групите ги користеле мрежите за социјален инженеринг, испраќање на малициозни линкови и следење на илјадници жртви во над 100 држави“.
Фирмата „Сајтрокс“ од Скопје е основана во 2017 година од израелски сопственици. Санкционираниот Тал Дилијан, поврзан со израелските безбедносни служби, ја купува во 2019 година. Според новинарските истражувања, софтверот „Предатор“ бил продаден во најмалку 25 држави, меѓу кои и во европските Австрија, Германија и Швајцарија.
По избивањето на скандалот со прислушување во Грција во 2022 година, беше објавено дека „Предатор“ се користел за шпионирање на грчки опозиционери. Биле следени и опозиционери во Египет. Во октомври минатата година беше објавено дека Виетнам го користел „Предатор“ за да ги шпионира телефоните на американски политичари, меѓу кои и сенатори.
Срѓан Стојанчов