Македонија Топ вести

Директорот на затворот во Струга оценил- Мијалков ги има исполнето условите за условен отпуст

Вишото обвинителство по втор пат одлучува за тоа дали Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК предвреме ќе излезе од затвор? Откако Кривичниот суд го одби неговото барање за условен отпуст, а Вишото обвинителство даде негативно мислење, сега поради надополнетата жалба на Мијалков предметот повторно се најде на истата адреса.

„По дополнувањето на жалба ќе се произнесе Вишото обвинителство“, велат оттаму за Телма. 

Барањето до Вишото обвинителство стигнало вчера.

Мијалков по спогодбата со обвинителството за случајот Империја доби 3 години затвор. Законот им овозможува на осудениците по истекот на половина од казната и поради добро поведение, да можат да бараат скратување на казната. Мијалков казната ја издржува во затворот во Струга, откако ја смени адресата на живеење.

Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура за Телма вели дека дал позитивно мислење за условен отпуст на Мијалков.

„Лицето за кое ме прашувате ги има исполнето сите услови за да добие условен отпуст“, рече директорот на затворот.

По мислењето од Вишото обвинителство, крајниот збор го има Апелација.

Додека на аукција се продаваше дел од неговиот имот кој му беше одземен во Империја, вреден околу 30 милиони евра, тој се вработи како возач за потребите на струшкиот затвор. Мијалков е задолжен за затворско комбе за набавка на стоки за потребите на затворот.

Во меѓувреме, Мијалков при крајот на минатиот месец доби ослободителна пресуда за случајот „Трезор“ во врска со злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија. Тој и другите обвинети беа ослободени бидејќи јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сознание дека го сториле делото за кое се товареа.

Апелација претходно ја укина пресудата за овој случај, како и за случаите „Таргет- Тврдина“ за прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Со измените на Кривичниот законик тој се спаси од казна затвор и за „Таргет- Тврдина“ и за „Титаник 2“.

Марија Митевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зоран Љутков ја презеде функцијата министер за култура и туризам од Бисера Костадиновска Стојчевска

Дејан Дејан

Весна Јаневска ја презеде функцијата министер за образование и наука од Јетон Шаќири

Дејан Дејан

Гордана Димитриеска-Кочоска ја презеде функцијата министер за финансии

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе