Емисии Код Македонија

КОД открива: Kои се трите фирми кои го добиле увозот на јаглен за потребите на РЕК Битола

Тринаесети февруари.  Обичен ден за сите граѓани. Но, не и за АД ЕСМ. Се потпишува највредниот тендер досега за ископ на јаглен. Тежок 46 милиони евра. Истиот ден се објавува и дека од увоз биле обезбедени потребните количини на јаглен. А во истовреме во  позадината се разрешувале директори, а на повидок бил и нов повик за набавка на јаглен.

Јагленот е еден од енергенсите на кои се темели производството на струја во земјава. А бизнисот е вреден стотици милиони евра. Јагленот од домашните рудници не е доволен за термоелектраните на РЕК Битола, па остатокот се надополнува со увоз.

Ископот го доби една фирма. Битолската фирма Марковски Компани. Набавката пак други три фирми.

Повикот за набавка на 500 илјади тони јаглен беше распишан лани на 1 септември. Потоа со анекс се зголемиле за 98 илјади тони. После неколку месеци, односно на 13 февруари од АД ЕСМ под чија капа е РЕК Битола кратко ќе соопштат дека повикот е затворен.

„Доколку се земе во предвид дека и годинава како и лани, планирано е зголемено производство на електрична енергија од РЕК Битола, а рудниците ПЈС Суводол и Брод – Гнеотино имаат можност да испорачаат околу 4.000.000 тони јаглен, тогаш разликата до потребите околу 6.000.000 тони јаглен за непречена работа на Термоелектраните на РЕК Битола се  надополнува со јаглен од увоз. Скоро идентична количина на јаглен беше увезена за потребите на РЕК Битола и минатата година“, велат од АД ЕСМ.

За кои фирми и за колку пари станува збор, немало простор во штурото соопштение на АД ЕСМ. Една битолска и две скопски фирми го поделиле колачот вреден 41 милион евра.

Никопоулос од Битола. Зобек мининг груп и Ими-коп од Скопје.

Фирмата која носи грчко име била формирана само два месеци пред објавување на повикот. Но, тоа не било пречка да ја добие набавката на 160 илјади тони јаглен тешка 11 милиони евра.

Нејзин сопственик е Евганелос Ницоуполос од Флорина. Дејноста и е трговија на големо со цврсти течни и гасовити горива и слични производи. Директорка е битолчанката Ивана Алексовска.

За разлика од Никопоулос другите две фирми имаат поголемо искуство.

Зобек мининг груп која најмногу ќарила бидејќи со набавката на 288 илјади тони јаглен ќе наплати над 20 милиони евра постои од 2010. Нејзин газда е Енис Колешинац. Тој претходно бил директор во фирмата Зобек груп на Сенад Смајовиќ, која повеќе не е деловно активна. Смајовиќ беше директор на Улици и патишта, кој беше разрешен од функцијата во 2020 година откако беше фатен со кокаин. Отказ доби од тогашниот градски татко Петре Шилегов.

Зобек мининг груп соработува и со Дирекцијата за технолошко индустриски зони во 4 тендери.

Портфолиото на Ими коп е богато, ако се суди според нивната веб страна е богато. Фирмата добила набавка на 150.000 тони јаглен во вредност од речиси 10 милиони евра. Сопственик е Исак Туша.

Од две земји се увезува јаглен. Албанија и Грција. Иако потребните количини се обезбедени, не сите се испорачани.

А меѓу потпишувањата и објавите на повиците процесот во РЕК Битола не течел мазно.  Напротив имало силен притисок врз директорите на термоелектраните во РЕК Битола. Според сознанијата на КОД, генералниот директор Пеце Матевски барал од нив да се потпишат и да отворат тендерски постапки од стотици милиони денари иако истите не биле неопходни и со несоодветни спецификации. А датумите се симптоматични.

Фамозниот 13 февруари директорите биле разрешени и избришани од системот. А апетитите за јаглен во меѓувреме се зголемиле. Ден потоа се објавил и новиот повик за набавка на јаглен. Над двојно повеќе од досегашните потреби на РЕК Битола. Поточно 1.390.720 тони. А фотелјите на директорите повторно им биле вратени на 15 февруари, а нивното име било впишано во системот.

И плановите на Владата за рационализација на трошоците на АД ЕСМ, кратко траеа. Резулатот- не само рекорден тендер за ископ на јаглен, туку и рекордна сума занегова набавка. Ако еден килограм јаглен чини околу 68 евра, тогаш за обезбедување на новите количини ќе треба да се издвојат 95 милиони евра.

КОД во претходната емисија откри дека на владината седница на 28 декември на барање на министри од ДУИ се донела одлука за забрана на тендери на АД ЕСМ за оваа намена. Но, истата се укинува по неколку седници на 22 јануари на инсистирање на министри од СДСМ. Ваквите тендери беа стопирани на неполн месец, а што се криеше зад нив.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека е во прашање зделка меѓу СДСМ и ДУИ. Првите да се офајдат од ископот на јаглен, а вторите од увозот.

„Дали е ова дел од дилот помеѓу СДСМ и ДУИ каде во братската пљачка СДСМ ќе краде од РЕК Битола, а ДУИ ќе краде од увозот на јаглен“, изјави Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од АД ЕСМ не ги открија причините, туку само дека бил постигнат општествен компромис.

„Со укажувањето кое беше донесено од Владата, се создаваше неможност за тековното функционирање на производниот процес, кој не само што вклучува помошна механизација за ископ на јаглен кој како краен производ е поевтин од набавениот од странство, вклучува и низа други реагенси, по што Владата го зема во обѕир стручното мислење на експертите од производниот процес и беше постигнат општествен компромис“.

Воедно и за двојно е поголем и актуелниот тендер на Марковски Компани за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина за разлика од претходниот. И тој тендер кој изнесувал околу 23 милиони евра  при крајот на 2022 година го добива битолската фирма.

Иако Марковски Компани не понудила најниска цена во 2022 година на неа и бил доделен ископот. И не само тоа со анекс дополнително била зголемена вредноста на договорот за уште 4 милиони евра. И на двата тендери цената за килограм јаглен е иста по 129 денари, иако имало понуда и од 100 денари.

Од АД ЕСМ се правдаат дека се склучувале договори со Марковски компани и во минатото, без оглед на политичките и раководните структури во Владата и во раководството на акционерското друштво. Но, сепак фирмата ја проширува соработката дејноста и во ископот изминатите две години, од кога на функцијата директор на РЕК Битола доаѓа Матевски,  а до тогаш добива само тендери за помошна механизација, ремонт и сервисирање.

Попусти биле и жалбите за тендерот на останатите две фирми кои учествувале- Пелистер и Гранит.

„Во текот на оваа јавна набавка имаше две жалби, една од ДГУ Пелистер ДОО Битола и една Гранит АД Скопје кои државната комисија за јавни набавки ги одбива како неосновани. На јавниот оглас беше избран единствениот економски оператор кој ги исполнуваше условите“, велат од АД ЕСМ.

Пелистер не е непозната во овој бизнис. Напротив оваа фирма постојано била задолжена за ископот на јаглен се додека повеќе, како што ќе речат од АД ЕСМ не ги исполнувала критериумите. Марковски Компани не е сама во ископот, друштво и прават и редовните подизведувачи. Три на број.  КОД за нивната блискост со СДСМ зборуваше во минатата емисија.

КОД пишуваше за поврзаноста на фирми подизведувачи со СДСМ

Две од нив се струмички компании „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“. Третата е компанијата „Топлина“ од охридското село Подмоље.

На струмичките фирми газдите се исти. Симеон и Горан Крстеви. Фирма на таткото и синот учествуваше и во градбата на „Глобал“ во Струмица кога градоначалник беше Заев.

Фирмата Сара Јавор Инжинеринг која е деловно неактивна ги поврзува Крстеви со Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев.

И Крстеви и Вице Заев во одреден момент биле сопственици на Сара Јавор Инжинеринг. Вице Заев и ја презел компанијата од Горан Крстев на кратко во 2013 година, потоа се менувале имињата. Како последен сопственик до октомври лани е токму Вице Заев.

Со години наназад Марковски Компани е  една од фирмите кои често соработува со РЕК Битола, а е специјализирана за копање јаловина и јаглен. Само пред 4 месеци во октомври лани, за ископ на јаловина на истата фирма беа до тогаш исплатени рекордни 25 милиони евра. И тука се истите три подизведувачи. Двете струмички и едната охридска фирма.

Во меѓувреме КОД откри уште една конекција меѓу Зоран Заев и Горан Крстев. Двајцата ја делат страста за моторите и се сопственици на Мото клуб Инфинити Струмица.

Кај кого ќе отиде увозот на досега најголемата количина на јаглен ќе се знае кога ќе биде затворен повикот и кога АД ЕСМ ќе ја објави одлуката. Тоа судејќи според досегашната пракса се биде објавено по неколку месеци. И повторно тоа ќе биде штуро.

Марија Митевска

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе